Oktaj Omeragikj
19 Мај 2025•Ажурирај: 20 Мај 2025
АНКАРА (АА) - Министерот за млади и спорт на Република Турција, Осман Ашкин Бак, младинци, претставници од 81 турска покраина, национални спортисти и делегација на министерот присуствуваа на церемонијата што се одржа во Аниткабир по повод празникот 19 мај - Ден на младоста и спортот на Турција и Ден на сеќавање на Ататурк, известува Анадолу.
Делегацијата, предводена од министерот Ашкин Бак, пешачеше по Патот на лавот и пристигна до мавзолејот на Ататурк. Откако министерот Бак положи венец во мавзолејот, се одржа едноминутно молчење, по што беше интонирана националната химна на Турција.
Во спомен-книгата министерот за млади и спорт Осман Ашкин Бак напиша:
„Факелот на независноста што го запаливте во Самсун пред 106 години денес живее како единство, мир и надеж. Република Турција, која го зацврстува своето братство и единство со секој изминат ден, со овој дух чекори кон иднината. Денес нашата младина, која е лојално приврзана кон сеќавањето на минатото и игра клучна улога во изградбата на иднината, е решена да ја понесе својата земја како лидер во науката, уметноста, спортот и технологијата. Моќта на Турција е нејзината младина и оваа моќ е носител на визијата Столетие на Турција. Вашата доверба е во сигурни раце. По повод 19 мај - Ден на сеќавањето на Ататурк и Ден на младите и спортот на Турција - уште еднаш со милост, благодарност и почит се сеќаваме на вашата екселенција, на вашите соборци и на нашите загинати херои. Нека вашата душа почива во мир.“
Честитка по повод празникот упати и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој ја истакна историската важност на 19 мај – ден кога во 1919 година започнала турската Војна за независност под водство на Мустафа Кемал Ататурк, основач на Турската Република.
„Ги чуваме татковината и Републиката – свети наследства што ни ги доверија нашите предци – и правиме чекори да ја унапредиме и издигнеме Република Турција, која ќе живее засекогаш, на сите полиња“, изјави Ердоган.
Празникот е одбележан со многу прослави низ цела Турција.