Sefa Şahin
08 Септември 2016•Ажурирај: 09 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Република Турција од оваа година воведе постојано летно сметање на времето и за разлика од претходните години, нема да го применува враќањето на стрелките на часовникот во согласност со зимското сметање на времето, јавува Anadolu Agency (AA).
Службениот весник на Турција во денешниот број објави законски измени донесени во врска со воведувањето на постојано летно сметање на времето, кое се применува за поефикасно искористување на дневната светлина, како и заштеда на енергија.
„Летното сметање на времето, кое започна на 30 март, 2016 година, останува во употреба, а се укинува одредницата со која на 30 октомври во 4 часот се враќа стрелката на часовникот на 3:00 часот“, се вели во одлуката на турската Влада, која е донесена на предлог на Министерството за енергетика и природни ресурси.
Временските промени или приспособувањето на стрелките на часовникот според годишните времиња потекнува неколку века наназад и се развива задно со општествените и политичките околности, но паралелно и со календарските системи и технолошките иновации.
Зимското сметање на времето е всушност стандардно, додека привременото префрлување на летно сметање за првпат официјално е воведено во 1916 година, во Германија и кај нејзините сојузници во Првата светска војна. Како главна причина е наведена заштедата на тогашниот главен енергент – јагленот. Набрзо со слични аргументи се приклучија и Велика Британија, Русија, САД и други земји, но голем дел од нив се откажаа по војната.
По Втората светска војна, многу земји повторно го воведоа и летното сметање на времето.
И Русија пред пет години се откажа од редовното поместување на стрелките на часовникот, но и таа не се врати на стандардното зимско време, туку остана на летното сметање на времето.