Enes Duran
09 Февруари 2021•Ажурирај: 10 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - ЕНЕС ДУРАН -
Генералниот директор за шумарство на Турција, Бекир Караџабеј, истакна дека според податоците на Европскиот информативен систем за шумски пожари, Турција во 2020 година е најуспешна земја во однос на времетраењето на гаснењето пожари, времето до пристигнувањето на местото на пожарот и годишната стапка на шумски области изгорени од пожар.
Според информациите собрани од Генералниот директорат за шумарство, во 2020 година во Турција избувнале 3.413 шумски пожари, а од пламенот се оштетени 20.938 хектари шума.
Противпожарните екипи, според податоците, изгаснаа 3.031 пожар во руралните средини, спречувајќи губење на животи и имот на граѓаните. Овие бројки се далеку над просекот во последните 10 години во Турција.
Според податоците од извештајот на Европскиот информативен систем за шумски пожари, минатата година, годишната стапка на шумски области изгорени од пожар во САД изнесува 68 хектари, во Канада 76 хектари, во Шпанија 20,4 хектари, Франција 7,6 хектари, додека во Турција изнесува 6,2 хектари.
Кога ќе се разгледаат овие бројки, Турција е најуспешната земја во однос на борбата против шумските пожари.
Минатата година во борбата за гаснење на пожарите учествуваа голем број противпожарни екипи, технички персонал и службеници. Во гаснењето на пожарите се користеа возило за водоснабдување, дозери, авиони и хеликоптери. Беспилотните летала, што беа користени за прв пат во 2020 година, го намалија времето за интервенција на пожарите на 12 минути.
- „Минатата година беше многу тежок период во однос на шумските пожари“
Караџабеј во изјавата за дописникот на АА рече дека претходната година била многу тешка во борбата против шумските пожари.
Тој потсети дека исто како и во Турција, минатата година и во САД, Австралија, Сибир и во многу земји во светот се регистрирани многу сериозни пожари.
Наведувајќи дека при интервенција во шумските пожари се користени сите потребни технологии, Караџабеј рече:
„Кога ќе ги разгледаме времетраењето на гаснењето на пожарот, времето до пристигнување на местото на пожарот и годишната стапка на шумски области изгорени од пожар, нашата земја е најуспешна земја според Европскиот информативен систем за шумски пожари. Ова е резултат на самопожртвуваноста и борбениот дух на турските пожарникари. Со искуството од 181 година, нашиот Генерален директорат за шумарство ќе продолжи да ги штити шумите на нашата земја и денес, како што ги штитеше и вчера.“