Berk Özkan
14 Март 2021•Ажурирај: 15 Март 2021
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, упати писмо до здравствените работници и тоа по повод Празникот на медицината, што денес се одбележува во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со цел јакнење на свеста во општеството и оддавање почест на медицинарите за борбата против пандемијата на Ковид-19, во Турција е започната дигитална кампања под слоганот „Да им напишеме писмо на оние што испишуваат епови“, а првото писмо на таа платформа го напиша турскиот претседател Ердоган.
Кампањата почна денес и ќе трае до крајот на месецот, а сите заинтересирани можат да пишуваат писма, мислења и пораки на здравствените работници на интернет-платформата „dijitalmektup.lutfenplatformu.org“.
Ердоган го започна писмото до здравствените работници со „Драг, брате/сестро“, а потоа им се заблагодари за сето она што го прават за човештвото и им го честиташе денешниот празник.
Истакнувајќи дека здравствените работници работат хумана и чесна работа што бара комбинација на жртва и знаење, труд и вештини, Ердоган наведе дека одбележувањето на Празникот на медицината, 14 март, го смета како пригоден момент за да им се оддаде почит на сите здравствени работници.
Ердоган наведе дека здравствените работници низ историјата секогаш трчале да им помогнат на луѓето, па дури и по цена на сопствените животи, и додаде дека е така и во текот на пандемијата на Ковид-19.
„Нашите здравствени работници со недели не оделе дома, не ги прегрнале своите деца и своите сакани. Денови и ноќи посветиле на борбата за што побрзо оздравување на нашите граѓани. Вие имавте многу важна улога во борбата против пандемијата во Турција, која е пример за остатокот на светот. Ги ангажиравме сите ресурси за да ви го олесниме товарот, условите за работа и да обезбедиме сè што е потребно. Во изминатите 18 години вложивме огромни инвестиции во здравствената инфраструктура, а само во текот на пандемијата отворивме 11 придружни објекти и 25 здравствени установи со 16.000 болнички кревети. Знаеме дека не е завршена борбата против коронавирусот кој ни одзеде близу 30.000 човечки животи. Неопходно е да ја продолжиме заедничката борба до конечната победа. Паралелно започнуваме и процес за постепена нормализација и процес за јакнење на здравствениот систем. Во секоја пригода ги повикуваме нашите граѓани да носат маска, да одржуваат физичка дистанца и да ги применуваат хигиенските препораки и на тој начин да се заштитат себеси и да ви помогнат на вас медицинарите“, порача Ердоган.
Ердоган им оддаде почит на сите здравствени работници кои во текот на пандемијата го загубија животот од последиците на заразувањето со коронавирусот.