Havva Kara Aydın
19 Септември 2019•Ажурирај: 20 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Вкупно 396 терористи, вклучувајќи ги и оние кои се наоѓаат на црвената листа, се неутрализирани во операции во рамките на границите на Турција и во прекуграничните операции во текот на последните три месеци, јавува Anadolu Agency (AA).
Антитерористичките операции се спроведуваат со координација на силите на турската армија, полициските и жандармериските сили и Националната разузнавачка служба (MIT).
Според податоците собрани од Anadolu Agency, во терористичките напади на ПКК, во периодот од 1 јуни до 31 август се убиени 8 цивили, вклучувајќи и деца, како и 28 припадници на турските безбедносни сили. Во нападите се повредени околу 40 други лица, вклучувајќи цивили.
Безбедносните сили уапсија 1.064 лица поради сомнежи за нивна поврзаност со ПКК. Околу 130 од нив се задржани во притвор.
Меѓу неутрализираните терористи се наоѓа и Шериф Јакут, кој се наоѓаше на црвената листа, листа на најбарана категорија, издадена од турското Министерство за внатрешни работи. Тој е неутрализиран во источната област Битлис на 19 јуни.
Хулја Кул, под кодно име „Севин“, за чие пронаоѓање беше понудена награда од 1,5 милион турски лири (околу 264.000 долари), е неутрализирана во источната област Бинѓол на 22 јули. Таа се наоѓаше на сината листа од втората најбарана категорија на листи во Турција.
Во антитерористичките операции во Битлис на 16 јуни е неутрализиран Унал Динар, под кодното име „Ерек Каркер“.
На 28 јули во источната област Агри е неутрализиран Угур Арслан, под кодното име „Агир“.
Кон средината на август, безбедносните сили го неутрализираа Ахмет Бојраз, под кодното име „Фикри“ во источната област Ерзинџан. За него беше понудена награда од 600.000 турски лири (105,000 долари).
Динар, Арслан и Бојраз се наоѓаа на портокаловата листа на барани терористи на Турција.
Во јуни, терористот Осман Ѓулен, под кодното име „Џиван“, со 300.000 турски лири (51.000 долари) награда за негово пронаоѓање, беше неутрализиран во источниот дел на Дијарбакир.
Во истата операција беше неутрализиран Џихан Акалин, под кодното име „Бахоз Велат“, кој беше сторител на терористичкиот напад во 2016 година, на улицата „Мерасим“ во главниот град Анкара.
Во меѓувреме, во операцијата во источен Хакќари беше заробено лице кое го изврши нападот во Истанбул во 2016 година на стадионот на Бешикташ „Водафон арена“.
Во јули, Мухамед Фадула Камиш, со кодно име „Севгер“, беше уапсен во источната област Ерзурум со награда од 300.000 турски лири (53.000 долари) за негово пронаоѓање.
Ѓулен, Акалин и Камиш се наоѓаа на сивата листа на барани терористи на Турција.
Борбата на Турција против терористите продолжува непрестајно.
Операцијата „Канџа“, тековната прекугранична операција е започната на 27 мај, а ги има за цел терористите во Хакурк, северен Ирак.
Турција на 17 август во Хакќари, Ван и Ширнак, исто така започна нова операција „Киран“, со цел борба против терористите.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.