Büşra Nur Çakmak
31 Мај 2021•Ажурирај: 01 Јуни 2021
АНКАРА
Турција и Грција се согласија на заемно признавање на сертификатите за Ковид-вакцините, објавија денес министрите за надворешни работи на двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Договорот што го постигнавме денес заемно ќе придонесе позитивно за нашите туристички сектори“, рече Мевлут Чавушоглу на заедничката прес-конференција со неговиот грчки колега Никос Дендиас во Атина.
„Турција започна да работи на конкретни проекти со фокус на преземање акција и соработка со грчката страна, и двете земји се согласија за 25 точки од листата на области за соработка“, рече Чавушоглу.
Тој додаде дека Турција е подготвена за дијалог без никакви предуслови за унапредување на билатералните односи со Грција.
„Се согласивме да ги решиме разликите во рамките на добрососедските односи, меѓународното право и почитувањето на заемните интереси“, рече тој.
Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас истакнувајќи дека на состанокот со Чавушоглу не ги оцениле само билатералните односи, туку и односите меѓу Европската Унија (ЕУ) и Турција, потсети дека има многу разлики во мислењата меѓу двете земји.
Наведувајќи дека целта на овој состанок е да се иницира процес на прв договор, Дендиас нагласи:
„Ако ова е можно, подоцна, со тек на времето имаме за цел постепено да се движиме кон нормализирање. Постигнавме договор за листа на програми за економска соработка. Договоривме заедничко признавање на сертификатите за вакцини против Ковид-19. Граѓаните кои се вакцинирани или чии резултати од тестот се негативни, ќе можат да ги посетуваат двете земји меѓусебно. Ова ќе ги забрза туристичките активности меѓу двете земји.“
Наведувајќи дека неговата денешна средба со Чавушоглу е можност, Дендиас додаде: „(Овој состанок) исто така даде можност да донесеме одлука за одржување состанок меѓу грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на маргините на самитот на НАТО.“
Дендиас, на прес-конференцијата му честиташе на министерот Чавушоглу за успехот на Анадолу Ефес, кој ја освои шампионската титула во кошарка победувајќи ја шпанската екипа Барселона со 86:81.
Турскиот министер Чавушоглу престојува во дводневна официјална посета на Грција на покана на неговиот грчки колега Никос Дендиас.
Пред средбата со неговиот грчки колега, турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу се состана и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
„Ревитализацијата на нашите канали за дијалог е позитивен чекор. Подобрувањето на нашите односи е важно зa решавање на нашите разлики“, напиша тој на Твитер.