Göksel Yıldırım
06 Јануари 2021•Ажурирај: 08 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - ЃОКСЕЛ ЈИЛДИРИМ –
Минатата година поради епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) се намали извозот на воените производи на турската одбранбена и авијациска индустрија, што беше зголемен последните години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците од Собранието на извозници на Турција, секторот остварил 2 милијарди 740 милиони и 694 илјади долари извоз во 2019 година. Минатата година оваа бројка е намалена за 16,8 проценти и изнесува 2 милијарди 279 милиони и 27 илјади долари.
Причини за намалувањето на извозот во секторот се негативностите што ги предизвика епидемијата во производството, снабдувањето и логистичките процеси, а исто така и што земјите дадоа приоритет на здравствените мерки, наместо на одбраната.
Извозот во одбранбената и воздушната индустрија во вкупниот извоз на Турција учествува со 1,3 проценти.
Во првата половина од годината, поради епидемиските мерки, месечните извозни податоци на секторот останаа под 180 милиони долари. Овие бројки се искачија на над 200 милиони долари во втората половина на годината.
Минатата година во секторот за одбрана и авијација најмногу се извезуваше во САД, вкупно 784 милиони и 227 илјади долари. Извозот во САД минатата година се намали за 4 проценти во споредба со претходната година.
По САД следува Азербејџан, а извозот во оваа земја се зголеми за 194 проценти. Минатата година во Азербејџан, кој се бореше да го спаси Карабах од окупација, беа извезени производи од секторот за одбрана и авијација во вредност од 260 милиони и 839 илјади долари.
Обединетите Арапски Емирати, каде што извозот се зголеми за 51 процент, се рангираа на третото место со 200 милиони и 280 илјади долари.
Потоа следуваат Германија со 157 милиони и 686 долари, Индија со 127 милиони и 267 илјади долари, Оман со 74 милиони и 449 илјади, Пакистан со 67 милиони и 397 илјади долари, Катар со 44 милиони и 554 илјади долари, Велика Британија со 41 милион и 405 илјади долари и Холандија со 40 милиони и 776 илјади долари.
Бројот на земји во кои Турција минатата година извезуваше производи од секторот за одбрана и авијација во вредност од над 10 милиони долари е 26.
Меѓу овие земји се наоѓаат Бахреин, Индонезија, Русија, Гана, Франција, Украина, Саудиска Арабија, Италија, Колумбија, Уганда, Сомалија, Унгарија, Тунис, Мали, Бразил, Мексико, Иран, Чиле, Австралија и Грција.