Behçet Alkan
09 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
НЕВШЕХИР (АА) - БЕХЧЕТ АЛКАН -
Туристите кои го посетуваат регионот на Кападокија, Турција, се среќаваат со поинакво искуство во подземниот град Кајмакли, кој е на 20 километри од Невшехир. Во тунели стари илјадници години речиси патуваат низ времето.
Во Кападокија, која е позната по своите историски, културни и природни богатства, домашните и странските гости покрај тоа што од птичја перспектива може да ги гледаат самовилските оџаци со балони на топол воздух, исто така покажуваат интерес за подземните населби.
Од деветте подземни градови отворени за посетители во регионот, подземниот град Кајмакли привлекува најголемо внимание. Во текот на 10-те месеци годинава подземниот град го посетија повеќе од 266.000 туристи.

Туристите кои сакаат да го посетат подземниот град Кајмакли минуваат низ тунели направени преку длабење на карпите од туф во периодот на Хетитите.
Посетителите се фасцинирани од магацините за храна, резервоарите за вода и собите на катовите до кои се стигнува со спуштање по тунелите.
Туристичкиот водич Левент Јуџе за Агенција Анадолија (АА) истакна дека за посетителите отворени се 5 ката од поранешната населба која вкупно се состои од 8 ката.
Јуџе нагласи дека за гостите е привлечно присуството на подземните населби кои меѓусебно се поврзани со тунели, направени со клесање на карпите пред илјадници години.

Истакнувајќи дека во областа во есенскиот период најмногу доаѓаат руски и украински туристи Јуџе рече:
„За време на Хетитите се користеле како засолниште во период на војни. Во подоцнежните периоди други под-делови биле изградени од раните христијани за да се сокриваат. Во тоа време имало два различни света. За време на мир луѓето живееле во своите домови над земјата, но за време на војна се засолнувале во подземните градови. По римскиот период, подземните градови биле користени како складишта за храна од локалното население бидејќи имале константна температура. Откако биле исчистени во 1961 година, за посетителите се отворени во 1964 година. Овде има места за складирање на храна, резервоари за вода и места за вентилација. Доколку за посетителите се отвори целиот простор потребен е половина ден за да може да се прошета. Ова е еден поинаков свет изграден под земја кој го привлекува вниманието на посетителите бидејќи има посебна структура. Особено за време на викендите дневно доаѓаат 4-5.000 луѓе.“
- Туристите се воодушевени -
Шалдо Алисија, туристка од Боливија, истакна дека претходно видела фотографии и била многу љубопитна за подземната населба.
„Многу ми е интересно кога ќе помислам дека луѓето во минатото го изградиле подземниот град со клесање на карпите. Дефинитивно сите треба да дојдат и да го видат ова место. Кога ќе се вратам во мојата земја, на пријателите ќе им раскажувам за оваа совршена структура“, рече Алисија.
Адем Ески, кој со сопругата дошол од турскиот град Ескишехир наведе дека наишол на поинаква глетка од онаа што ја замислувал, и дека е интересно чувството да се шета низ подземниот град во кој живееле луѓе во минатото.