ИСТАНБУЛ (АА) - КЕНАН ИРТАК -
На курсот за учење на Куранот, Чамликалти, наменет за машки лица, во населбата Ќучукчекмеџе во турскиот град Истанбул се образуваат хафизи со оштетен вид, кои со помош на прстите го учат Куранот наизуст.
Курсот се отвори во 2012 година, во квартот Халкали, а во 2014 година почна да образува и лица со оштетен вид.
Раководителите на курсот забележале дека лицата со оштетен вид се наклонети кон Куранот, и затоа одлучиле да отворат курс со интернат за обучување хафизи.
Во овие рамки, во просториите каде што се одржува курсот се направени разни приспособувања за лицата со оштетен вид, од уредувањето во дворот, сѐ до собите за спиење и тактилни патеки.
Децата кои го започнуваат овој курс најпрвин го учат турскиот јазик и Брајовата азбука, а потоа учат да читаат на арапски.
Откако учениците ќе научат да читаат со Брајова азбука, тие почнуваат со учење на Куранот. Во рамките на летните курсеви од август 2014 година, неколкумина од околу 70 ученици останаа во интернатот за да продолжат со учењето на Куранот наизуст, за да станат хафизи.
Учениците почнаа со часовите за учење на Куранот наизуст, а се придружени од страна на професори, исто така со оштетен вид. Моментално, 10 ученици го учат Куранот наизуст.
Во рамките на овој курс има и печатница со Брајова азбука, каде што се печатат сите книги потребни за курсот, како Куранот, книги на арапски јазик и други.
Во библиотеката на курсот има аудиокниги коишто учениците можат да ги слушнаат и да учат.
- „Примаме ученици од цела Турција“ -
Директорот на овој курс, Синан Тунч, во разговор за АА истакна дека во 2014 година за првпат примиле 38 ученици со оштетен вид на летниот курс.
„Од пријателите дознавме дека во Турција нема некоја активност наменета за лицата со оштетен вид и создадовме план за оваа работа да се спроведе во континуитет. Секоја година продолжува летниот курс. Примаме ученици од цела Турција. Некои ученици сакаат да продолжат и во зима, ги примаме во курсот. Учениците кои сакаат да продолжат со учење на Куранот наизуст, ги ставиме во ист клас со другите ученици“, вели Тунч, кој раскажувајќи дека изминатата година била многу плодна за нив.
Како што истакна Тунч, покрај курсот за учење на Куранот и верската обука, на учениците им се овозможени курсеви за учење на употребата на бастунот за слепи лица, како и спортски и социјални активности.
Тунч пренесе дека е висока стапката на лица со оштетен вид во Турција.
Тој истакнува дека поради слепилото, овие деца не излегуваат во јавноста, а нивните семејства не ги испраќаат во подалечните градови. Тунч пренесе дека курсот се одвива под контрола на муфтиството на Истанбул и Ќучукчекмеџе. Тој додаде дека во рамките на овој курс се направени инфраструктурни работи наменети за лицата со оштетен вид. „Бараме од родителите да го посетат местото и да ги испраќаат децата на нашиот курс“, истакна Тунч.
Исто така, во рамките на курсот, до денес тројца ученици со оштетен вид го научиле Куранот наизуст. „Двајца се при крај со учењето на Куранот наизуст, а еден ученик заврши со две третини од Куранот. Нашите ученици не станаа хафизи со слушање. Лицата со оштетен вид можат да читаат со показалецот. Нашите хафизи со помош на прстите го учат Куранот наизуст“, истакна Тунч, посочувајќи дека нивната цел е да образуваат хафизи кои можат самостојно да читаат, и потоа да можат да ги научат и другите.
Тунч упати апел до родителите на деца со оштетен вид да ги испратат нивните деца на курсот кој ќе започне на 11 јули.
- „Претседателството на Управата за верски работи има голем број активности наменети за маргинализираните групи“ -
Од друга страна, Хасан Ќамил Јилмаз, муфтија на Истанбул, истакна дека турското Претседателство на Управата за верски работи има голем број активности наменети за маргинализираните групи.
Јилмаз пренесе дека се реализираат курсеви, особено за лицата со оштетен вид и слух, и за лицата со спастицитет. Тој истакна дека покрај курсот во Ќучукчекмеџе наменет за машки ученици, сличен курс се организира за женски лица во „Мехмет Акиф“.
Исто така, Јилмаз информираше дека имаат разни активности за лицата со оштетен слух да можат да ги извршат верските обреди. Тој додаде дека за овие лица направиле специјална азбука и книга за верски прашања.
- „Курсот ги задоволува сите потреби на учениците“ -
Мустафа Темел, муфтија на Ќучукчекмеџе, истакна дека курсот ги задоволува сите потреби на учениците.
Темел нагласи дека учениците го читаат Куранот според одредени правила, и дека покрај учењето на Куранот наизуст, учениците се стекнуваат со верски знаења, а продолжуваат и со нивното образование.
- „Сакам да бидам професор на курсот за Куран“ -
Халил Карабаџак, тринаесетгодишен кандидат за хафиз, со оштетен вид, вели дека е при крај со учењето на Куранот наизуст на овој курс, на кој се запишал во 2014 година.
„Многу е убаво да се чита Куранот. Моето срце се освежува со Куранот. Сакам да станам професор на курсот за Куран“, вели Карабаџак, кој истакнува дека за приближно една година ќе стане хафиз.
Од друга страна, 15-годишниот ученик со оштетен вид, Мухаммет Етем, истакна дека во иднина сака да ги образува лицата со оштетен вид и тие да станат хафизи.
Салих Ѓултекин, дваесет и тригодишен студент, а воедно и дигач на тегови, вели дека сѐ уште е на почетокот од учењето на Куранот наизуст.
Тој истакнува дека на почетокот имал тешкотии со чувствителноста на прстите, бидејќи не се родил слеп, туку подоцна го загубил видот. Тој вели дека со времето, чувствителноста на неговите прсти се развила, и почнал побрзо да чита.
Ѓултекин додава дека има за цел да биде светски првак во дигање тегови, и дека ако го научи Куранот наизуст, сака да влезе и во политиката.