АНКАРА
- Шерифе ЧЕТИН
Ерменските терористички организации АСАЛА и ЈЦАГ во 1970-тите и 1980-тите години изведоа низа атентати на дипломатскиот кор на Република Турција низ светот, убивајќи најмалку 31 турски дипломат и членови на нивните семејства, пишува Агенција Анадолија (АА).
Ерменските терористички организации крвавата серија напади врз турски дипломати ја започнаа во 1973 година кога ги убија генералниот конзул во Лос Анџелес, Мехмет Бајдар и конзулот Бахадир Демир во Санта Барбара, САД.

Турските дипломати цел на ерменските терористи АСАЛА и ЈЦАГ
Терористичката организација Тајната армија за спас на Ерменија (АСАЛА) е основана во 1975 година со цел преку терористичките напади да се бори против Турција. Јавноста за оваа терористичка група првпат дозна на 20 јануари 1975 година, кога изведе бомбашки напад врз канцеларијата на Светскиот црковен совет во Бејрут.
Втората ерменска терористичка организација Командоси на правдата за ерменскиот геноцид (ЈЦАГ) е основана во 1975 година во Бејрут, а јавноста за неа првпат слушна кога заедно со АСАЛА ја презеде одговорноста за нападот во кој на 22 октомври 1975 година беше убиен турскиот амбасадор во Виена, Даниш Туналигил.
Два дена подоцна ерменските терористи извршија оружен напад и ги убија турскиот амбасадор во Париз, Исмаил Ерез и неговиот возач Талип Јенер.
Ерменските терористички организации потоа продолжија со серија крвави напади врз турските дипломати и нивните семејства.
Во нападите убиени се главниот нотар на турската Амбасада во Бејрут, Октар Џирит (1976), турскиот амбасадор во Ватикан, Таха Џарим (1977), турскиот амбасадор во Мадрид, Зеки Кунералп и неговата сопруга Неџла Кунералп (1978) и пензионираниот турски амбасадор Бешир Балџиоглу (Мадрид, 1978), синот на турскиот амбасадор во Хаг, Оздемир Бенлер, Ахмет Бенлер (1979) и советникот за туризам во турската Амбасада во Париз, Јилмаз Чолпан (1979).
Во интензивните напади на ерменските терористички организации во текот на 1980-тите години убиени се и аташето за административни работи при турската Амбасада во Атина, Галип Озмен и неговата ќерка Неслихан Озмен (1980), генералниот конзул во Сиднеј, Шарик Аријак (1980), аташето за безбедност во Генералниот конзулат на Турција во Сиднеј, Енгин Север (1980), советникот во турската Амбасада во Париз, Решат Морали (1981), службеникот од Одделот за верски работи на Амбасадата во Париз, Теџели Ари (1981), секретарот на турскиот Генерален конзулат во Женева, Мехмет Саваш Јергуз (1981), аташето за безбедност во турскиот Генерален конзулат во Париз, Џемал Озен (1981), генералниот конзул во Лос Анџелес, Кемал Арикан (1982), почесниот конзул во Бостон, Орхан Гундуз (1982), аташето за администрација во Амбасадата во Лисабон, Еркут Акбај и неговата сопруга Недиде Акбај (1982), воениот аташе во турската Амбасада во Отава, Атила Алтикат (1982), аташето за администрација во Конзулатот во Бургаз, Бора Суелкан (1982), амбасадорот на Турција во Белград, Галип Балкар (1983), аташето за администрација во турската Амбасада во Брисел, Дурсун Аксој (1983), сопругата на вршителот на должност во турската Амбасада во Лисабон, Јуртсев Михчиоглу (1983), сопругата на секретарот на турската Амбасада во Техеран, Ишик Јондер (1984), вршителот на должноста советник во турската Амбасада во Виена, Ердоган Озен (1984) и заменик-директорот на Канцеларијата на Обединетите нации во Виена, Енвер Ергун (1984).
Пензионираниот турски амбасадор Билал Н. Шимшир во книгата „Нашите дипломати шехиди“ напиша дека во 1970-тите и 1980-тите години, авиони од сите страни на светот во Турција ги носеле телата на убиените дипломати, кои во дипломатски мисии заминаа со куфери во рацете, а се вратија во ковчези.
Елбир: „Терористите сакаа Турција да ја направат беспомошна“
Аналитичарката на Центарот за евроазиски истражувања (AVIM), Хазел Чаган Елбир, за Агенција Анадолија посочи дека Турција е меѓу земјите кои долга низа години претрпуваат најголема штета од меѓународниот тероризам.
Елбир истакна дека меѓународната јавност не им придавала големо значење на атентатите врз турските конзули во Лос Анџелес и Санта Барбара од страна на терористот Гуркен Јанкијан во 1973 година, и дека ги третирала како поединечни инциденти.
Таа понатаму додава дека тие атентати се случиле две години пред светската јавност да слушне за терористичките организации АСАЛА и ЈЦАГ, кои на 22 октомври 1975 година го убија турскиот амбасадор во Виена, Туналигил, а два дена подоцна и турскиот амбасадор во Париз, Ерез и неговиот возач Јенер.
Истакнувајќи дека ерменските терористички организации се создадени врз основа на екстремни националистички тврдења за наводен извршен геноцид врз Ерменците, Елбир рече дека ерменската дијаспора ги финансирала овие организации.
„Нивната цел е да извршат притисок врз Турција така што ќе се борат за обештетување, за територија и признавање на наводниот геноцид. Нивниот план беше да изнудат турско признавање на геноцидот, а потоа да започнат постапка за наплата на отштета и одземање на турска територија кон која имаат отворени аспирации. Целта на овие терористи беше да ја замајуваат светската јавност со тврдењата за геноцид изнесени во наводни научни книги кои немаат јасни извори“, рече Елбир.
Таа понатаму посочи дека ерменската терористичка група АСАЛА претрпела големо губење на моќта по нападот кој во 1983 година го изведе на аеродромот „Орли“, во кој беа убиени осум лица, и тоа четворица Французи, двајца Турци и по еден државјанин на САД и Шведска. Таа додаде дека организацијата ги продолжила своите пасивни терористички активности, без експонирање во јавноста.
Конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија повторно ја откри соработката меѓу терористите на ПКК и АСАЛА
Терористичките организации ПКК и АСАЛА тесно соработуваа во 1980-тите години, а во последно време двете терористички групи повторно се доведуваат во врска.
„Имаме сознанија дека ПКК и АСАЛА соработуваат во судирите помеѓу Азербејџан и Ерменија. Таа информација во телевизиска програма јавно ја изнесе и азербејџанскиот амбасадор Хазар Ибрахим. Пред неколку дена, францускиот весник „Либерасион“ објави дека терористот од АСАЛА, Гилберт Минасијан, со авион од Франција отпатувал за Ерменија, а потоа на бојното поле во Карабах. Медиумите јавно пишуваат за тоа“, рече Елбир.
Таа исто така кажа дека соработката помеѓу терористите на ПКК и АСАЛА се споменува и во тајните документи на американската ЦИА кои на јавноста ѝ се достапни од 2016 година.