БОДРУМ/МАРМАРИС (АА) - Турција е земја што во светски рамки е позната како една од најатрактивните туристички дестинации кои изобилуваат со огромно историско, културно и природно богатство.
Кога на овој микс од убавина ќе му се додадат соодветните мерки за безбеден туризам во време на пандемијата од коронавирусот (Ковид-19), што турските власти ги спроведуваат со цел здравствена заштита на туристите, но и на своите граѓани, се добива формулата за успех во туризмот и во време на пандемија, што секако претставува реткост во овој сензитивен период низ кој минува човештвото.
Системот за сертифицирање за безбеден туризам, што овозможува здравствена сигурност на туристите, при што турските надлежни органи, доколку има потреба, бесплатно се грижат за здравјето на посетителите во државата, редовното мерење на телесната температура, носењето заштитни маски во сите објекти и тоа што за влез во државата не е потребен ПЦР-тест за детекција на Ковид-19 се само дел од мерките кои придонесуваат токму Турција да биде туристичката дестинација што ќе ја изберат посетителите.
Екипата на Агенција Анадолија (АА) од Скопје беше дел од новинарската група која од Северна Македонија беше во посета на туристичките места во Република Турција, во рамките на Програмата за промоција на туризмот организирана од Турската агенција за промоција и развој на туризмот (TGA) при Министерството за култура и туризам на Турција, а во соработка со турската Амбасада во Скопје.
Меѓу туристичките места што беа дел од предвидената програма за посета е и југозападната турска област Мугла, која покрај природните убавини поседува и хотелски сместувања на високо ниво, што е причина секоја година голем број странски туристи да го поминат својот одмор во овој дел на Турција.
- Бодрум - античка убавина, туристичка атракција -
Една од најпознатите туристички дестинации во Турција несомнено е југозападниот пристаништен град Бодрум, каде што Средоземното Море се среќава со Егејот. Овој град има свое познато културно-историско богатство, како и природни убавини, кои ги привлекуваат туристите од сите делови од светот.
Од редот на културно-историските објекти што го красат овој град е Бодрумското кале, или, познато по неговото второ име Замокот на Свети Петар, односно Петрониум. Ова кале, кое од 2016 година се наоѓа на привремената листа за светско наследство на УНЕСКО, го изградиле витезите на Свети Јован, кои во 16 век дошле од островот Родос.

Калето има пет кули. Витезите од различни земји живееле во секоја од овие кули - британска, француска, италијанска, германска и шпанска кула. Ова историско здание му пркоси на забот на времето и ден-денеска, за што сведочи неговата добра зачуваност.
Калето служело и како затвор во децениите пред Првата светска војна, а пред тоа било воена база.
Сместено на карпестиот полуостров помеѓу две пристаништа, повеќе од половина век Калето е дом на Музејот на подводна археологија, еден од најзначајните музеи од ваков вид во светот, според УНЕСКО.
Музејот на подводна археологија има многубројни артефакти што се пронаоѓани во морето, а меѓу нив е големата колекција на амфори, но најпознат артефакт во овој подводен музеј е големиот брод кој потонал во 1025 година. Според кажувањата, овој брод пренесувал стакло, поради што сега како своевиден експонат во музејот лежи врз него.
Бодрумското кале во просек на годишно ниво го посетуваат околу 150 илјади посетители, а годинава го посетиле околу 50.000.
- Гробницата на Мавзол -
Освен по Калето, во светски рамки Бодрум е познат и по тоа што во овој град се наоѓа едно од седумте светски чуда на стариот свет, а тоа е гробницата на карискиот крал Мавзол. Токму по него, ваквите градби во подоцнежниот период го добиле името мавзолеј. Во сегашниот музеј на Мавзол посетителите имаат прилика да ги видат темелите на гробницата, за која се вели дека била висока околу 50 метри, а ја градела Артемисија. Според достапните податоци, изградбата е завршена некаде околу 350 година пр. н. е. Во музејот е изложена и макета, што дава можност да се види како изгледала гробницата.
Дополнителна историска вредност на градот му даваат ѕидините долги седум метри кои датираат од четвртиот век пр. н. е. Sидините ги изградил кралот Халикарнас Мавзол, а ги урнал војсководецот Александар Велики во битката со која влегол во градот. Во претходниот период, од една од двете порти, портата на Миндос, во западниот дел, која сè уште постои и е реставрирана.
Освен со ова светско чудо, свој белег Халикарнас Мавзол оставил и градејќи ги седум километри долгите ѕидини со кои го опколил градот. Во четвртиот век пред нашата ера Александар Македонски со својата војска во тешка битка успеал да ги урне ѕидините и да влезе во градот. Постојат три влезови во дворот. Со исклучок на источната порта, не е јасно дали можат двата помошни влеза да се сметаат дека датираат од 4 век пр. н. е. Вратата кон истокот на дворот водела кон древниот град Бодрум.

На ритчето во центарот на градот Бодрум постои и Антички театар за кој се вели дека датира од 4 век пр. н. е. Во ова културно-историско здание сега се одржуваат концерти и други настани од културен карактер. Достапните податоци покажуваат дека денес театарот може да прими околу 4.000 посетители, додека во античко време можел да прими и три пати повеќе од денешниот капацитет.
Со каква, всушност, убавина изобилува Бодрум може да се види од ридот на западната страна на заливот, кој нуди перфектна глетка на „белиот град“, кому дополнителен шарм му даваат малите бели куќи. На ова ритче се наоѓаат и неколкуте ветерници кои датираат од 18 век, а се користеле до пред 50-тина години. Тука туристите ја користат можноста за правење фотографиии во чија позадина е убавиот Бодрум.
- Милас: Гробницата на Хекатомнос отвора нови хоризонти во историјата на археологијата -
Во југозападната турска област Мугла, каде што се спојуваат Егејското и Средоземното Море, на 40 минути од Бодрум се наоѓа градот Милас. Во ова место, во 2010-тата година, со напори на турското Министерство за култура и туризам е откриена монументалната гробница на карискиот крал Хекатомнос (таткото на Мавзол), која датира од 4 век пр. н. е. Имено, пред 10 години, дивите копачи пронаоѓале артефакти и ги продавале илегално. По овој случај, релевантните институции започнале со истражување и откриле дека токму на овој локалитет се наоѓа гробот на Хекатомнос.
Според раскажувањата на туристичките водичи, оваа гробница е откриена под дива населба. Сега, на овој историски локалитет сè уште се работи. Се претвора во музеј на отворено, кој го привлекува вниманието на љубопитните туристи. Токму ваквите археолошки пронаоѓалишта во Турција отвораат нови хоризонти во историјата на археологијата.
- Приморскиот град Мармарис -
На неполни три часа патување од Бодрум, во областа Мугла се стигнува до приморскиот град Мармарис, во чии убавини уживаат туристите од бројни земји од светот. Овој туристички град, особено во есенските денови има пријатна клима и погодни временски услови за туризам. Градот е познат по убавите плажи, богатата чаршија во која може да се најде разновиден накит, ткаенини, облека, но и по вкусната турска храна.
И овој град, како и бројните турски градови има своја тврдина.

Тврдината во Мармарис е обновена во 1522 година за време на османлискиот султан Сулејман. Од 1979 година тврдината се реновира со цел да биде вратена во првобитната состојба, а под покровителство на Министерството за култура тврдината е претворена во музеј. Во музејот постојат седум галерии, од кои најголемата се користи како изложбен простор, а дворот е украсен со цвеќе. Тука се наоѓа и Караван-сарајот, кој е изграден за економски цели во истиот период кога е изградена и тврдината.
Посебна убавина на градот му даваат тесните сокаци скриени во ридовите на градот, што ги красат убавото цвеќе и мачките, кои го привлекуваат вниманието на посетителите.
Инаку, античкото име на Мармарис е Питанија, a постојат и наводи дека градот го добил името Мармарис како место кое било извор на мермер, од каде што се извезувал овој драгоцен камен.
Дека југозападната турска област Мугла претставува вистинска атракција за туристите говорат и фактите, но и препораките од релевантните чинители. Во тој контекст, вреди да се истакне дека во месец март британскиот весник „Дејли експрес“ (Daily Express) како земја безбедна за одмор од аспект на заканата од новиот тип коронавирус (Ковид-19) ја препорача Турција и областа Мугла.

Минатата година најголемиот број туристи што ја посетија оваа област беа од Велика Британија. Бројот на туристи кои минатата година ја посетија Мугла изнесуваше над 3,2 милиони посетители, што претставува зголемување од 16 отсто во однос на 2018 година.
Големото културно-историско богатство на Турција, атрактивните плажи и хотели, природната убавина во која се вљубуваат сите посетители, се само дел од нештата што ја класифицираат Турција во редот на лидерите на туризмот во светот, но и како земја која има своја уникатна убавина што тешко може да се опише со зборови, фотографија или видеозапис. Едноставно, оваа преубава земја е потребно да се посети за да се почувствува нејзината убавина и да се доживее на вистински начин.
news_share_descriptionsubscription_contact


