Tuğba Yardımcı
28 Јули 2020•Ажурирај: 29 Јули 2020
ТРАБЗОН (АА) – Во манастирот „Сумела“ во североисточна Турција, еден од најголемите центри на религиозниот туризам, завршија работите за негова реставрација, уредувањето на околината и проектите за испитувањето на геолошкото и геотехничкото одржување и зајакнување на карпите, кои започнаа во 2016 година, пишува Агенција Анадолија (АА).
Дел од манастирот „Сумела“, кој беше затворен за посетители во септември 2015 година поради ризикот од одрон на карпите, беше отворен за посетителите на 25.05.2019 година, со завршување на првата фаза од реализираните проекти.
По завршувањето на работата во внатрешноста, манастирот, кој се наоѓа во областа Мачка, денес повторно ќе биде отворен за посетителите со свеченост на која ќе учествува и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган преку видеоконференција.
По реставрацијата, на свеченото отворање на манастирот, кој е на Привремената листа на Светското културно наследство на УНЕСКО од 2000 година, ќе присуствува и министерот за култура и туризам на Турција, Мехмет Нури Ерсој, гувернерот на Трабзон, Исмаил Устаоглу и други лица.
Манастирот беше затворен за посетители околу 5 години, а со активностите на проектот за негова реставрација опасните карпи на падината беа урнати, а на местата утврдени од експертите поставени се челични жици и бариери.
Реставрацијата во внатрешноста на манастирот е завршена, а исто така санирани се и патеките кои водат до манастирот.
Во историскиот манастир „Сумела“ на 15 август 2010 година за првпат се одржа богослужба по 88-годишна пауза на која присуствуваа голем број православни христијани.
Во манастирот богослужба се одржуваше на 15 август секоја година до 2016 година, кога беше затворен поради реставрација.
- Турција им дава важност на вредностите на различните вероисповеди -
Турција во 2011 година обезбеди конфискуваниот имот да се врати на Фондациите на заедниците, а за имотот кој не може да се врати овозможи да се исплати надомест.
Доколку има потреба, Турција исто така обезбедува заштита на верските објекти и нивна санација.
Реставрациите на ерменската црква „Акдамар“, на островот Акдамарна брегот на езерото Ван, Големата синагога во Едрене во 2015 година и бугарската црква „Свети Стефан“ во Истанбул во 2017 година покажуваат колку Турција придава важност на различните религиозни групи.
Во Турција живеат 180.854 христијани и околу 20.000 Евреи. Во Турција немуслиманите сочинуваат 0,4 отсто од населението. Во земјата има 435 места за богослужба, меѓу кои се наоѓаат вековни цркви и синагоги. Бројките покажуваат дека на секое 461 лице му припаѓа по едно место за богослужба.
- Манастирот „Сумела“ -
Манастирот „Сумела“, познат и како манастир „Дева Марија“, во турската област Мачка, во Трабзон покрај Црното Море, се наоѓа во пошумената област на околу 300 метри над долината „Алтиндере“, на падините на Црна Гора (Karadağ).
Многу делови од манастирот биле реновирани во 18. век, а некои од нејзините ѕидови биле украсени со фрески. Во 19. век, со додавањето на новите големи објекти, манастирот се здобил со прекрасен изглед и го доживеал најбогатиот период. Во тој период манастирот ја добил конечната форма и станал место кое го посетуваат многу странски туристи, а исто така, за него се пишувале и натписи.
Главните делови на манастирот се црквата на главната карпа, неколку параклиси, кујна, студентски соби, куќа за гости, библиотека. Овие структури се протегаат на многу голема површина. На влезот на манастирот се наоѓа голем аквадукт преку кој се носело вода. Скалите пред влезната врата на манастирот се тесни и долги. Лево, пред пештерата има различни манастирски објекти. Десно е библиотеката.
Фреските во параклисот датираат од почетокот на 18. век и може да се види дека се направени од три слоја во три одделни периоди. На фреските прикажани се теми од Библијата од животот на Исус и Дева Марија.