Burak Bir,Gözde Bayar
08 Декември 2020•Ажурирај: 09 Декември 2020
АНКАРА/ИСТАНБУЛ/ИЗМИР/САМСУН/БАЛИКЕСИР
Турските безбедносни сили приведоа 266 осомничени лица поради наводи за нивна поврзаност со терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Обвинителите во западната област Измир издадоа налози за приведување на 304 осомничени лица, вклучувајќи 295 лица од персоналот на должност во Турските вооружени сили“, вели изворот, кој зборуваше под услов да остане анонимен.
Осомничените се товарат дека комуницирале преку говорници со „тајните имами“, кои се високопозиционирани во структурите на терористичката организација ФЕТО.
Полициските и жандармериските сили приведоа 204 осомничени лица во 50 области за време на истовремените операции започнати од Измир.
Обвинителите во Анкара, исто така, издадоа налози за приведување на 31 лекар и шест тајни имами, како дел од истрагата за присуство на терористичката организација во Воената медицинска академија (GATA) во Ѓулхане. Досега, 21 од нив се приведени во главниот турски град.
Во Истанбул, исто така, се издадени налози за приведување на 29 лица осомничени за обезбедување финансиска поддршка на терористичката организација, а полициските тимови приведоа 22 осомничени лица.
Обвинителите во северозападната област Баликесир издадоа налози за приведување на 17 осомничени лица меѓу наставниците поврзани со ФЕТО. Полициските сили ги приведоа сите 17 осомничени лица во истовремени операции во 12 области.
Во меѓувреме, полицијата приведе две осомничени лица на ФЕТО во подрачјата Илкадим и Атакум во црноморската област Самсун, како дел од истрагата за друга структура на ФЕТО.
Како дел од истрагата за структурата на терористичката организација во Министерството за здравство, обвинителите издадоа налози за приведување на девет лекари, вклучувајќи еден лекар на активна должност и една медицинска сестра.
Напорите за да се фатат останатите осомничени се во тек.
ФЕТО и нејзиниот лидер кој живее во САД, Фетула Ѓулен, стојат зад неуспешниот обид за државен удар во Турција во 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 лица беа ранети.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање на своите поданици во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.