Ekipa
18 Ноември 2019•Ажурирај: 19 Ноември 2019
НЕВШЕХИР (АА) - Турскиот министер за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, леташе над Кападокија, во турската област Невшехир, во првиот балон на топол воздух произведен од домашна фирма, јавува Агенција Анадолија (AA).
Првиот домашен балон го произведе компанијата „Паша балунс“ („Pasha Balloons“), која работи во тоа подрачје. На првиот лет присуствуваа министерот Варанк и други официјални претставници, меѓу кои и Илхами Акташ, гувернерот на Невшехир.
Варанк по летот рече дека Кападокија е местото каде што се среќаваат милиони домашни и странски туристи. Тој кажа дека луѓето надвор од границите на Турција како прва адреса за патување во земјата го наведуваат Истанбул, а потоа Кападокија.
Варанк смета дека тоа подрачје е привлечно за туризмот поради балоните од кои се пружа поглед на подрачјето каде што се спојуваат убавината на природата и историјата, формирајќи еден од најубавите пејзажи во светот, настанат со ерозија на вулканскиот пепел.
„За време на оваа посета, ми беше задоволство што учествував во пробниот лет на нашиот сертифициран балон. Кога ќе ја земете предвид само фазата на производство, милиони евра ќе останат во нашата земја. Земајќи го предвид одржувањето, поправките и другите трошоци на балонот, говориме за многу поголема економија со голем извозен потенцијал“, појасни Варанк, наведувајќи дека ова претставува придонес и за економијата и за вработувањето.

Домашниот балон со топол воздух, дизајниран и произведен од „Паша балунс“ со поддршка на Генералната управа за цивилно воздухопловство, го изведе првиот тест-лет на 11 октомври.
За одржување на околу 230 балони, колку што се користат како во Кападокија, така и во цела Турција, годишно се трошат околу 3 милиони евра.
Со производството на балони на топол воздух во Невшехир, целта е првенствено да се смалат трошоците за одржување и годишно да се произведуваат околу 60 балони.
Секој балон, во вредност од 80.000 евра, ќе ги задоволува домашните потреби, а планиран е и извоз.
Летот со балон е извор на адреналин и фасцинација кај туристите што ја посетуваат една од најпознатите турски дестинации, Кападокија.
Пејзажот на Кападокија се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО, а погледот од балон е единствено искуство кое секоја година привлекува стотици илјади туристи од целиот свет.
Станува збор за специфичен релјеф што е настанат од вулканската лава којашто планините Ерџиес и Хасан ја исфрлале пред неколку милиони години.
Туристите што ќе соберат храброст секое утро имаат можност со балон да се вивнат во височините над тоа место, кое е спој на природни и историски феномен.