Ekipa
26 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
ДИЈАРБАКИР (АА) – По инструкциите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган до министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, да се пронајдат децата на мајките кои протестираат во Дијарбакир, интензивните активности на безбедносните сили дадоа резултати, јавува Агенција Анадолија (АА).
Добрата вест пристигна и до мајката Хусније Каја, која одлучно протестираше пред седиштето на Народната демократска партија (ХДП) во Дијарбакир. Нејзината керќа Мекије Каја избегала од терористичките кампови на ПКК во Ирак, и им се предала на турските безбедносни сили.
Мајките од Дијарбакир од 3 септември протестираат пред седиштето на Народната демократска партија (HDP), која ја обвинуваат за врбување и регрутирање малолетни и млади лица во терористичките кампови на ПКК во југоисточна Турција.
Семејството Каја доживеа голема среќа откако министерот Сојлу преку телефон им ја пренесе добрата вест дека нивната ќерка е вратена.
Во изјавата за медиумите мајката Хусније Каја рече дека синоќа министерот за внатрешни работи се јавил и им ја пренел добрата вест дека нејзината ќерка се предала на безбедносните сили.
Како што истакна Хусније, министерот Сојлу рекол: „Нека е со среќа, вашата ќерка дојде и се предаде. Утре ќе се сретнете со вашата ќерка.“
„Господ да му даде сè што ќе посака. Господ да го благослови нашиот претседател, да има долг животен век. Без нив јас не ќе можев да стигнам до мојата ќерка. Отиде на 14 години, поминаа 5 години. Постојано ја барав ќерка ми. Од радост моето срце ќе престанеше да чука. И плачев и бев многу радосна. Поминав многу тешко време без Мекије. Плачев секој ден. Не верував дека ќе ја видам мојата ќерка. Секогаш кога клањав намаз се молев да ми се врати ќерката. Благодарам на Господа, тоа и се случи“, раскажува мајката Хусније.
- „Нашата држава ја извади ќерка ми речиси од под земја“ -
Хусније Каја рече дека ќе продолжи да ги поддржува мирните протести на мајките од Дијарбакир. „Затоа што и нивните срца плачат, како што плачеше моето. Сакав сите мајки чии деца се во планините да дојдат и да се придружат на протестите. Нека не се плашат, нека дојдат. Нашата држава е моќна. Нашата држава ја извади ќерка ми речиси од под земја.“
- „Досега Турција немала претседател каков што е сегашниот“ -
Таткото Хусеин Каја рече дека синоќа бил многу среќен откако ја дознал веста дека ќерка му е вратена.
„Господ нека ја чува нашата држава, да не беа тие немаше да ја пронајдам“, вели таткото.
„Синоќа ни се јави Сулејман Сојлу. Рече: 'Со среќа, ќе се сретнеш со ќерка ти'. Многу се израдувавме. Протестите на мајките не се залудни. Да не отидеше мојата сопруга, ќерка ми немаше да се врати. Нашата држава е како татко, на сите им помага. Досега Турција немаше претседател каков што е сегашниот. Да живее нашата држава. На чело со претседателот им благодарам на сите раководители“, нагласи таткото Хусеин.
Хусније Каја не е единствената мајка која е дел од протестите, а чие дете се има вратено од терористичките кампови на ПКК.
Протестирањето пред општинското седиште на Народната демократска партија (HDP) за мајката Хаџире Акар, чиј син Мехмет Акар бил киднапиран од страна на ХДП и одведен во терористичките кампови, даде резултати. Нејзиниот син на 24 август се врати.
Враќањето на синот на мајката Хаџире Акар стана пример за сите мајки што ја имаат истата болка. По нејзиниот пример, мајките Февзије Четинкаја, Ремзија Аккојун и Ајшеѓул Бичер на 3 септември започнаа мирни протести. Бројот на семејствата што се приклучија на протестите од ден на ден се зголеми.
Исто така и синот на мајката Хатиџе Џејлан на 10 декември се врати дома. Нејзиниот син Џафер Џејлан пред 4 години, на 15-годишна возраст, во областа Кајапинар во Дијарбакир бил киднапиран и одведен во планините.
ПКК е сепаратистичка организација којашто се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД). За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.
Партијата ХДП се товари за поврзаност со терористите на ПКК, а повеќе челници на таа партија се обвинети за ширење терористичка пропаганда и за помагање на терористите.