Erdoğan Çağatay Zontur
16 Август 2020•Ажурирај: 17 Август 2020
АНКАРА (АА) - Турција го критикуваше договорот за одбрана склучен меѓу Франција и администрацијата на кипарските Грци, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Администрацијата на кипарските Грци, која не го претставува целиот остров, ниту кипарските Турци, не е компетентна и овластена да склучува ваков договор, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
„Договорот е спротивен на Спогодбите од 1960 година и рамнотежата воспоставна со овие спогодби. Исто така, постои ризик од нарушување на напорите за обезбедување стабилност и безбедност во Источниот Медитеран “, се додава во соопштението.
Се истакнува дека турската страна „во минатото даде конструктивни и позитивни предлози за регионот да стане подрачје на просперитет и стабилност“, но „предлозите беа одбиени од двојката Грција-администрацијата на грчкиот дел на Кипар“.
„Неприфатливо е Франција да презема чекори за понатамошно зголемување на тензиите во овој период, да организира заеднички вежби со администрацијата на кипарските Грци во овој контекст и да распоредува воени авиони тука, спротивно на Спогодбите од 1960 година, иако е привремено“, нагласува турското МНР.
„Ние ја поддржуваме реакцијата и изјавите дадени од властите на Турската Република Северен Кипар во врска со ова прашање.
„Ја покануваме Франција, постојаната членка на Советот за безбедност на ОН, да постапи поодговорно во врска со прашањата поврзани со Кипар што се наоѓаат на агендата на ОН“, додава Министерството.
Овој договор стапи на сила на 1 август, но беше објавен вчера.
- Источен Медитеран -
На почетокот од оваа недела Турција продолжи со истражувањата на енергетски ресурси во регионот на Источниот Медитеран, откако Грција и Египет потпишаа спорен договор за поморско разграничување.
Договорот дојде еден ден откако Анкара изјави дека ќе ги одложи истражувањата за нафта и природен гас како гест на добра волја.
Но, откако го прогласи грчко-египетскиот договор за нeважечки, Турција го овласти бродот за сеизмички истражувања „Оруч Реис“ да ги продолжи своите активности во подрачјето во рамките на континенталниот гребен на земјата.
Бродот ќе ја продолжи двонеделната мисија до 23 август, заедно со бродовите „Џенгиз Хан“ и „Атаман“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека единственото решение за спорот лежи во дијалогот и преговорите, и ја повика Атина да ги почитува правата на Турција.
Турција континуирано се противи на обидите на Грција за прогласување ексклузивна економска зона врз основа на малите острови во близина на турскиот брег, нарушувајќи ги интересите на Турција, земја со најдолго крајбрежје во Средоземното Море.