Özcan Yıldırım
18 Април 2017•Ажурирај: 18 Април 2017
АНКАРА (АА) - Советот на министри на Република Турција ја усвои препораката на Советот за национална безбедност за продолжување на вонредната состојба во земјата. За тоа, конечна одлука ќе донесе Големото народно собрание на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Со седницата на Советот на министри, во Претседателската палата во Анкара, претседаваше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а по завршување на седницата на новинарите им се обрати вицепремиерот и портпарол на турската влада, Нуман Куртулмуш, кој во таа пригода упати честитки до турскиот народ за успешно спроведениот референдум за уставни реформи.
„На седницата на Советот на министри ги разгледавме препораките на Советот за национална безбедност и го усогласивме текстот на одлуката за продолжување на вонредната состојба за три месеци од 19. април“, истакна Куртулмуш.
Осврнувајќи се на завчера одржаниот референдум во Турција, Куртулмуш нагласи дека тоа не биле партиски избори за парламентот или за локалните инстанци на власта, и додаде дека резултатите од референдумот не може да се анализираат од партиски аспект.
„Тоа беше референдум на кој гласачите се изјаснуваа за јасно прашање за поддржување или неподдржување на уставните реформи, поголемиот дел од гласачите ги поддржаа реформите. Ова е јасно и не е во согласност со политичката логика сега резултатите да се анализираат и да се споредуваат со партиските успеси на претходните избори “", кажа Куртулмуш.
Тој, исто така рече дека турската влада во мај, на состанокот со лидерите на Европската Унија, ќе ги презентира своите ставови во врска со продолжувањето на соработката и процесот на интеграција.
Вонредната состојба воТурција беше воведена на 20 јули минатата година по неуспешниот обид за воен удар, кој во земјата го изведе терористичката организација ФЕТО. Турскиот парламент последен пат во јануари ја продолжи вонредната состојба за дополнителни три месеци.