Erdoğan Çağatay Zontur
29 Август 2019•Ажурирај: 01 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Турските доктори почнаа да ја применуваат традиционалната и комплементарна медицинска метода, со цел да му помогнат на бебето во утробата, од карлична позиција да се сврти во нормална позиција за породување, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кинеската метода, моксибустион (Moxibustion), го стимулира бебето во утробата и овозможува здраво породување“, изјави д-р Белкиз Берна Кулах од Универзитетот „Саглик Билимлери“ (SBU) во Анкара.
„Ние го обележуваме надворешниот агол од петтиот нокт на ногата и таму без игла нанесуваме мокса, вид темјан без мирис и чад, со цел да го стимулираме бебето да се врати во позицијата за породување“, изјави Кулах, додавајќи дека мајката ја повторува таа постапка во домашни услови и една недела потоа.
„Доколку не постои пречка за породување по природен пат, бремените жени во 33-35 недела може да ја прават оваа постапка. Ова е безболна и лесна метода“, изјави таа.
Главниот лекар, Озлем Моралоглу, изјави дека тие ја практикувале оваа метода од 2017 година со стапка на успех од 60 отсто.
„Нашата цел е да ја намалиме стапката на царски рез, која е зголемена во Турција и низ целиот свет“, рече Моралоглу, додавајќи дека СБУ во моментов е единствениот објект за примена на оваа метода со мокса.
Есра Јилмаз, мајка која се породила по примената на оваа метода, изјави дека немала болки при нејзиното применување.
„Дури и да имав болка, немаше да биде толку голема како онаа предизвикана од царскиот рез“, додаде таа.
Друга мајка, која ја применува оваа метода, Серап Тасдемир, изјави дека нејзиното дете се свртело во нормалната позиција по една недела од примената на оваа метода.
„Со оваа метода, можам да го избегнам царскиот рез“, изјави Тасдемир, нагласувајќи дека нејзиното трето дете се свртело во карлична позиција, иако претходно имала две нормални породувања.
„Би им препорачала на сите бремени жени, ова е безболна метода без нуспојави“, порача Тасдемир.