Merve Aydoğan
16 Октомври 2018•Ажурирај: 17 Октомври 2018
АНКАРА/ИСТАНБУЛ (АА) - „Уапсени се 50 осомничени членови на терористичката организација ФЕТО, која изврши неуспешен обид за државен удар во Турција во 2016 година“, велат официјални претставници, јавува Anadolu Agency (AA).
Судски извори кои сакаа да останат анонимни истакнаа дека една група од 20 воени лица се уапсени во 23 области низ Турција, а меѓу нив има и активни припадници на војската.
Војниците биле дел од група составена од 34 лица поврзани со терористичката организација ФЕТО, за кои обвинителот во Истанбул имаше издадено налог за апсење, меѓу кои 19 се во активна служба, четворица се поранешни ученици во воено училиште и 11 војници отпуштени од служба.
Од 19-те воени лица двајца се полковници, тројца мајори, пет се поручници, пет потпоручници и четворица водници.
Во тек е акцијата за апсење и на останатите лица.
Подоцна, уапсени се и 30 припадници на жандармеријата, откако обвинителите во Анкара издадоа налози за апсење на 50 припадници на жандармеријата поради сомнеж за нивна поврзаност со ФЕТО.
Според соопштението на обвинителот, налозите на апсење се издадени откако преку телефонски повици со т.н. „тајни имами“ на ФЕТО е пронајдена поврзаност со терористичката организација на еден поручник на жандармеријата и 49 први поручници.
„Триесет и пет од осомничените лица се во активна служба“, се додава во соопштението.
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен стојат зад неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а беа ранети речиси 2.200.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за рушење на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и правосудството.