Selçuk Kızıldağ
19 Септември 2016•Ажурирај: 20 Септември 2016
ЕСКИШЕХИР (АА) - Синдромот понеделник е нешто со што вработените, но и оние кои одат во училиште се сретнуваат секоја недела. Нерасположени поради завршувањето на викендот и одморот, многумина бараат спас во утринското кафе. Сепак, угостител од Ескишехир, Турција, одлучи својата врата да не ја отвора во понеделник и на тој начин да гo избегне безволниот изглед на лицето на своите клиенти, пишува Anadolu Agency (AA).
Камил Ѓунеш (32) по потекло од Ризе, на турскиот брег на Црното Море, одлучи своето кафуле да го отвора шест дена во неделата, а во понеделник да одмара.
Како што вели, многу години сонувал за свое кафуле што ќе биде поразлично од другите, а сега тој сон и се остварил.
Сепак, тоа што не работи во понеделник не е единственото нешто што го прави ова кафуле поразлично од другите. Ѓунеш отворил и ликовна работилница, која се наоѓа над кафулето.
Гостите тука можат да изработуваат предмети од глина, и на тој начин да се ослободат од стресот акумулиран во текот на неделата.

„Она што го барам не се клиенти, туку креативност, производство, напредок. Животот го доведуваме во толку тешка состојба. Поединци заработуваат многу пари, но се нерасположени, од понеделник до петок. Се прашувам, дали парите ги спречуваат да се занимаваат со она што тие го сакаат?“ истакна Ѓунеш, кој додаде дека тој не работи во понеделник бидејќи сака да види насмеани гости, што во понеделник е речиси невозможно.
Гостите можат да ја изразат својата креативност во сабота.
„Формираме групи од осум до десет луѓе. Им ставаме превез на очите и им даваме глина. Пуштаме музика и бараме креативно да се изразат. Тие се поопуштени и прават поубави предмети кога се со врзани очи. Наученото им го пренесуваме на оние што не знаат, а она што не го знаеме го учиме од оние што знаат“, објаснува Ѓунеш и додава дека продава само кафе.
Како што вели тој, не служи шеќер бидејќи смета дека тој го расипува вкусот на кафето. Покрај тоа, плаќањето не се врши преку банкарска картичка ако некој од клиентите нема пари со себе, туку вели дека гостите можат и подоцна да донесат пари, но не е проблем и ако не донесат.
Гостите на кафулето се многу задоволни и велат дека со нетрпение чекаат да видат што направиле од глината, и дека музиката значително придонесува за убава атмосфера.