Halil İbrahim Başer
24 Март 2017•Ажурирај: 25 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Главниот уредник на дневниот весник „Дејли сабах“ Сердар Караѓоз, во врска со забраната за дистрибуција на овој весник во Европскиот парламент (ЕП), изјави дека зад оваа забрана стои лобито на терористичка организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Караѓоз во разговор со новинарот на АА ја коментираше вчерашната одлука на претседателот на ЕП, Антонио Тајани, со која тој го одобри барањето на холандскиот пратеник за забрана на весникот.
Тој изјави дека весникот без никакви проблеми се испорачувал во ЕП во последните три години, но проблемот настана по барањето упатено од страна на холандскиот парламентарец Џероен Ленаерс. Караѓоз смета дека Ленаерс е поврзан со ФЕТО и дека се занимава со заштита на членовите на ФЕТО кои се во притвор.
„Неговите активности поврзани со ФЕТО се веќе познати. Затоа, можеме да го видиме лобито за ФЕТО зад одлуката на претседателот на Европскиот парламент за забрана на дистрибуцијата на весници во Парламентот“, вели Караѓоз.
Тој додаде дека дошол до писмото на холандскиот парламентарец упатено до претседателот на Европскиот парламент, во кое тој тврди дека „Дејли сабах“ шири омраза.
„Тој тврди дека ‘Дејли сабах’ шири омраза и како пример за тоа наведува неколку жители на Холандија, а тоа се всушност членови на структурите на ФЕТО во оваа земја. Ние објавивме напис за ФЕТО, а тоа му пречи на холандскиот претставник. Јасна е неговата врска со ФЕТО. Сметаме дека претседателот на ЕП донесе срамна одлука“, изјави главниот уредник на дневниот весник „Дејли сабах“, Сердар Караѓоз.
„Дејли сабах“ е весник којшто започна со работа во 2014 година, во рамките на групата „Туркуваз“, а во Европскиот парламент се дистрибуираше секој вторник.
Холандскиот парламентарец Ленаерс минатата недела испрати писмо до претседателот на Европскиот парлмент, Тајани, во кое бара да се забрани дистрибуцијата на овој весник во Парламентот.
Ова се случи откако „Дејли сабах“ објави напис под наслов „Европската унија се однесува како да не постои повреда на демократските права“, во врска со дипломатската криза со Турција.
Ленаерс, исто така, изрази незадоволство поради текстот објавен во овие весници за активностите на терористичката организација ФЕТО во Холандија.