Rabia İclal Turan
16 Јуни 2021•Ажурирај: 17 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, истакна дека се очекува голем одзив на двата големи дипломатски собири што ќе се одржат во наредните три дена во турскиот туристички град Анталија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи се на прес-конференција во турската медитеранска област Анталија, Мевлут Чавушоглу рече дека ова е показател за доверба кон Турција.
Во Анталија утре ќе се одржи самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), а како што изјави Чавушоглу, учество најавиле осум шефови на држави и девет шефови на дипломатии.
Во петок и сабота ќе се одржи Дипломатскиот форум во Анталија на кој ќе учествуваат 12 шефови на држави, 43 министри за надворешни работи, четворица поранешни шефови на држави и претставници на меѓународните организации и академската заедница.
„Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, исто така, ќе се приклучи на состаноците“, додаде турскиот министер.
Чавушоглу понатаму истакна дека на самитот на ПСЈИЕ ќе се дискутира за последните случувања.
„Ќе разговараме за економијата и целите на развојот за нашиот регион во следните 10 години“, рече тој, додавајќи дека ќе се дискутира и за стратешкиот документ за 2030 година.
Министерот за надворешни работи рече дека Дипломатскиот форум во Анталија е прв од ваков вид бидејќи тој специјално се фокусира на дипломатијата.
„Ние сакаме секое прашање да се дискутира на иновативен и креативен начин. Сакаме либерална платформа за дискусија која може да рефлектира различни перспективи.“
„Дури и ако мнозинството од учесниците се официјални претставници, не очекуваме да имаат официјални разговори“, додаде тој.
Форумот беше одложен минатата година поради пандемијата. Оваа година ќе се одржи во целосна согласност со мерките за коронавирусот.
Чавушоглу потсети дека Анталија е домаќин на многу меѓународни настани, вклучувајќи го Самитот на Групата 20 и Самитот на министрите за надворешни работи на НАТО.
Одговарајќи на прашање, тој рече дека на Форумот ќе се дискутира за многу глобални прашања, вклучувајќи ја ситуацијата во Јужен Кавказ и можностите за регионален мир.
Тој истакна дека азербејџански територии останале под окупација три децении, а дипломатските иницијативи не биле доволни за ослободување на тие територии. „Трпението на Азербејџан не беше неограничено и Азербејџан ги врати своите територии“, додаде турскиот министер.
Чавушоглу порача дека секој треба да го почитува неговиот [Азербејџан] територијален интегритет, и додаде: „Ние сакаме овој регион да биде регион на мирот и стабилноста.“