Nilay Kar
31 Октомври 2019•Ажурирај: 01 Ноември 2019
ИСТАНБУЛ
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека „ефективното посредување“ и „превентивната дипломатија“ се клучни алатки за справување со тековните конфликти што се случуваат низ целиот свет, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на шестата Истанбулска конференција за посредување, Чавушоглу изјави: „Ние сме сведоци на појавата на нов сет предизвици, вклучувајќи ги тука тероризмот, радикализмот, климатските промени, сиромаштијата, екстремизмот, ксенофобијата, исламофобијата и антисемитизмот.“
Истакнувајќи дека феноменот на конфликтот станал уште покомплициран, Чавушоглу рече: „Напорите за спречување конфликти и нивно решавање треба да се поклопуваат со сложеноста на конфликтите низ светот.“
„Потребата за ефикасно посредување е поголема од кога било досега“, истакна Чавушоглу, додавајќи дека „превентивната дипломатија и решавањето на конфликтите станале круцијални“.
Тој потсети на вековното мото „Мир во земјата, мир во светот“, кое прв го изговори основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
„Ова не е едноставна предност, туку неопходност со оглед на локацијата на Турција во епицентарот на географијата што има голем број конфликти“, истакна Чавушоглу.
Истакнувајќи дека Турција презела различни напори за посредување и олеснување и развила бројни иницијативи за регионална соработка, тој рече: „Пред една деценија, ја започнавме „Иницијативата за посредување за мир“ заедно со Финска во Обединетите нации.“
„Денес, Групата „Пријатели на посредување“ на ОН брои 59 членки кои ги претставуваат сите континенти, региони и големи меѓународни организации“.
„Во текот на изминатите десет години, оваа група даде критичен придонес во посредувањето, како што е помошта во усвојување на четири резолуции Генералното собрание на ОН за посредување и подготовка на три упатства на ОН за медијацијата“, додаде тој.
Чавушоглу истакна дека овој „бран во дипломатијата за мир“ го кренал местото на посредувањето и превенцијата на конфликти во ОН.
„Ова е голема услуга за глобалниот мир и стабилност“, рече највисокиот дипломат на Турција.
Обраќајќи му се на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, Чавушоглу заклучи: „Ние ги поддржуваме вашите напори и навистина го цениме вашето присуство денес тука“.
Шестата истанбулска конференција за посредување беше со тема „Меѓународно мировно посредување: Внимателно разгледување на ситуацијата и гледање напред“. На настанот се собраа креатори на политики, дипломати, меѓународни организации и невладини организации во Истанбул.
„Оваа конференција е со цел да се разговара за улогата на регионалните и меѓународните организации во областа на посредувањето и зајакнување на патиштата за соработка меѓу нив“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Различните главни аспекти на практиката на посредување, како и поврзаноста помеѓу новите технологии и мировните напори се исто така меѓу темите што треба да се дискутираат за време на настанот.