Gökmen Yüce
31 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
ТЕКИРДАГ (АА) - Турската полиција во Истанбул и Текирдаг заплени повеќе од милион и пол литри биогориво во вредност од десет милиони евра, што е најголема количина запленета во една операција во историјата на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Со истрагата на Одделот на обвинителството за борба против криумчарење е утврдено дека на поширокото подрачје на Истанбул се собираат суровини од кои нелегално се произведува биогориво.
Ланецот на криумчари што се занимавале со нелегално производство на биогориво е следен четири месеци. Биодизелот, кој криумчарите го произведувале, ги загрозувал возилата во чии резервоари стигнувал.
Сè е правено во една фирма за хемиска индустрија во Текирдаг, која немала лиценца за тоа. Со истрагата е утврдено дека во биогоривото е додаван алкохол и други запаливи течности.
Нелегално произведеното гориво е префрлено во пристаништето во Текирдаг за под ознаката „запалива материја“ да биде прокриумчарено во Шпанија.
По повеќемесечната истрага, турската полиција интервенираше и заплени рекордни 1.525.915 литри криумчарено биогориво, чија пазарна вредност е проценета на десет милиони евра. Запленети се и танкер и сите постројки и складишта.
Тоа беше рекордна заплена на гориво во историјата на Турција и така е спречено повеќемилионско затајување данок.
Советот за научни и технолошки истражувања на Турција (TUBITAK) потврди дека станува збор за биодизел гориво.
Уапсен е сопственикот на нелиценцираната фирма и уште 12 осомничени лица.