Behlül Çetinkaya,Mehmet Şah Yılmaz
27 Јануари 2022•Ажурирај: 28 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека ерменскиот министер за надворешни работи, Арарат Мирзојан и неговиот специјален претставник Рубен Рубинјан ќе присуствуваат на Дипломатскиот форум во Анталија, Турција, јавува Агенција Анадолија (АА)
Чавушоглу денеска во Анкара ја прими министерката за надворешни работи на Централна Африка, Силви Баипо Темон.
По состанокот Чавушоглу во обраќање до новинарите изјави дека процесот на нормализација кој започна со Ерменија и доби поддршка од Азербејџан, продолжува со стабилни чекори со цел градење доверба.
Тој потсети дека во тој контекст специјалните претставници на двете земји ја одржале првата средба во Москва, главниот град на Русија. Истакна дека специјалните претставници на Турција и Ерменија се во постојан контакт и дека ќе донесе одлука за следната средба, потсетувајќи дека меѓусебните летови ќе започнат во февруари.
Се осврна и на организацијата на овогодишниот Дипломатски форум во Анталија (ДФА), велејќи дека сите се добредојдени на овој собир.
„Постои сериозно учество од Африка. Досега 45 министри за надворешни работи го потврдија своето учество, плус други министри во владите. Шест или седум министри од земјите од Латинска Америка исто така го потврдија своето учество“, рече Чавушоглу.
Тој додаде дека на Дипломатскиот форум во Анталија ќе учествуваат и претставници на 30 меѓународни организации, меѓу кои и генералниот секретар на НАТО и генералниот секретар на Советот на Европа.
„Сите видоа дека ова е слободна платформа. Затоа, ајде да ја ставиме дипломатијата во преден план, да го ставиме дијалогот во преден план. Да разговараме за актуелните проблеми и да најдеме идеи и визии за иднината“, рече тој.
Чавушоглу рече дека сакаат на Дипломатскиот форум во Анталија да се слушне сечиј глас.
„Го поканивме и министерот за надворешни работи на Ерменија и неговиот специјален претставник Рубен Рубинјан. Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, ни рече дека луѓето што ги поканивме, можат да учествуваат на ДФА. Ќе ни биде драго затоа што ќе бидат присутни и азербејџански претставници. И Азербејџан нека ги изнесе своите ставови на средбата, но истото нека го направи и Ерменија. Ова, исто така ќе бидат чекори кон градење доверба.“
Дипломатскиот форум во Анталија ќе се одржи од 11 до 13 март 2022 година.