Zuhal Demirci,Tevfik Durul
03 Март 2020•Ажурирај: 04 Март 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во однос на новите миграциски текови истакна дека Турција го почитува правото на мигрантите да одат во безбедни трети земји и дека немаат обврска принудно да ги задржуваат во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу и британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, одржаа заедничка прес-конференција во Министерството за надворешни работи на Турција по билатералните и средбите на делегациите.
Осврнувајќи се на најновите случувања во Идлиб, Чавушоглу рече дека на различни платформи истакнале дека Турција нема да може да се соочи со нови миграциски текови.
Чавушоглу наведе дека Турција побарала солидарност од меѓународната заедница, но дека повиците биле игнорирани.
„Ние како Турција го почитуваме правото на мигрантите да одат во безбедни трети земји. Немаме обврска никого принудно да го задржуваме во Турција“, нагласи Чавушоглу.
Истакнувајќи дека европските земји имаат обврска да им понудат заштита на мигрантите кои стигнале до нивните граници, Чавушоглу рече дека Турција досега ги исполнила своите обврски и дека и понатаму ќе ги исполнува.
Министерот Чавушоглу додаде: „Институциите на Европската Унија (ЕУ) треба да ги почитуваат заедничките вредности на Европа и на човештвото. Треба да обезбедат заштита на човековите права на мигрантите.“
- Раб: „Даваме поддршка на Турција за напорите за повторно осигурување на примирје во Идлиб“ -
Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, нагласи дека тука се наоѓа за да ја изрази солидарноста на Велика Британија за Турција, и дека пријателството меѓу двете земји е уште поважно од кога било порано.

Тој се осврна на сириското прашање, како и на последната ситуација со мигрантите.
„Првата и најважната одговорност за хуманитарната драма е на сирискиот режим и Русија. Суровите напади на сирискиот режим и Русија во Идлиб се важни и се еден од најдеструктивните и најштетните напади извршени во блиското минато“, рече тој.
Раб потсети дека Турција е домаќин на милиони бегалци, и дека, што се однесува до меѓународните обврски, треба да се работи заедно.
„Ние како НАТО ја изразивме нашата поддршка за Турција за напорите за повторно осигурување на примирје во Идлиб“, додаде Раб.
Британскиот министер, упатувајќи сочувство до Турција и турскиот народ, потсети дека како резултат на нападите на Асадовиот режим, во Идлиб загинале 34 турски војници.
Според него, Турција е еден од најзначајните сојузници во рамки на НАТО, и рече: „Ги поддржуваме напорите на Турција за повторно осигурување на примирје во Сирија и за заштита на цивилите од суровите напади на режимот на Дамаск.“
Тој рече дека се загрижени од нападите на Русија и од режимот во Идлиб, и дека ги осудуваат овие напади.
Раб нагласи дека Турција и Велика Британија имаат заедничка загриженост за безбедноста.
„Турција како сојузник на НАТО, членка на Г20 и основачки член на Советот на Европа, е неопходен партнер на Велика Британија“, истакна Раб, додавајќи дека ја поддржуваат борбата на Турција против тероризмот.