Zuhal Demirci,Nazlı Yüzbaşıoğlu
24 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, потсети дека од 15 јули 2016 година досега, 995 лица поднеле барање за азил во Грција и додаде: „Не сакаме Грција да биде база за азил на припадниците на ФЕТО“, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за надворешни работи на Турција, Чавушоглу, и министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, имаа заедничка средба во Министерството за надворешни работи на Турција, по што одржаа прес-конференција.
Потсетувајќи на осумтемина војници, припадници на ФЕТО, кои учествуваа во обидот за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година, па пребегнаа во Грција, Чавушоглу изјави:
„За жал, грчките судови овие осум лица не ѝ ги испорачаа на Турција. Тоа длабоко нѐ разочара, бидејќи Грција е земја што многу страдала поради државните удари во минатото, а исто така и грчката нација. Затоа, ние, според грчкиот Устав и законите, очекувавме овие лица да ни бидат испорачани. За жал, овие наши очекувања не беа исполнети. Од друга страна, информирани сме дека други двајца поранешни војници кои учествуваа во обидот за атентат на почитуваниот претседател на Турција во Мармарис, пребегаа во Грција и сакаме уште еднаш да го повториме нашето барање за нивна испорака“.
Министерот Чавушоглу истакна дека е потребна соработка меѓу двете земји во борбата против тероризмот и додаде: „Во минатото, особено во борбата против ДХКП-Џ, Грција направи некои чекори коишто ги поздравуваме, но сепак мора да се прифати дека ДХКП-Џ и ПКК сѐ уште се присутни во оваа земја и потребно е да не се дозволуваат нивните активности. Теророт ни е непријател на сите нас, тероризмот треба да се уништи“.
Околу испораката на припадниците на ФЕТО, Чавушоглу го истакна разочарувањето на Турција и истакна:
„Во Грција пребегнаа осумтемина војници, припадници на ФЕТО, кои учествува во обидот за државен удар на 15 јули и двајца предавници, припадници на ФЕТО, кои преку Егејското Море избегаа во Грција. Во тие денови имавме чести средби со министерот Никос, со цел да се преземат потребните превентивни мерки за да се спречи нивното влегување во Грција. Покрај тоа, имаме информации за пребеганите пучисти. Од предавичкиот обид за државен удар во Турција досега, во Грција пребегале 995 лица кои побарале азил. Потребно е да се разгледаат сите овие барања. Колкумина од нив се припадници на ФЕТО, колкумина од нив, имајќи придобивка од тоа, избегаа во Грција. Се разбира дека не сакаме нашиот сосед Грција, со којшто, благодарение на стекнатата доверба имаме сѐ подобри односи, да стане база за азил на припадниците на ФЕТО. Веруваме дека во согласност со Уставот и законите на Грција, сите тие барања детално ќе ги разгледаат и на предавниците нема да им бидат дадени олеснувачки можности. Би сакал да кажам дека и покрај лошото искуство што го имаме со одлуката на грчкиот суд за осумтемина предавници, сѐ уште не ја изгубивме нашата верба“.
Чавушоглу истакна дека не треба да им се дадат олеснувачки можности на терористите и на пучистите, и потсети на чекорите што Грција ги имаше преземено против ДХКП-Џ.
„Го цениме тоа што го направија, но исто така, факт е дека мораме да имаме многу поголема соработка во борбата против тероризмот“, истакна турскиот министер.