İbrahim Erikan
04 Март 2019•Ажурирај: 05 Март 2019
ХАТАЈ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека се гледа оти одредени муслимански земји почнале да треперат од страв од Соединетите Американски Држави (САД) и Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
„Некои од овие земји, дури и на Палестинците им велат да не го креваат својот глас. Зборувам за муслимански земји, а не за Америка. Зарем таквите да се грижат за Ерусалим? Во изминатите две години против САД и Израел со големо мнозинство се усвојувани одлуки на исламските самити и Генералното собрание на Обединетите нации, при што можевме да го видиме сиот кукавичлук и страв на некои муслимански земји“, рече Чавушоглу.
Во Турција на 31 март ќе се одржат локални избори, а во рамките на предизборните активности, министерот Чавушоглу имаше средба со претставниците на владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti) во Хатај.
Истакнувајќи дека Турција минува низ тешки предизвици и дека многу центри на моќ сакаат да ја срушат турската власт, Чавушоглу рече дека на Турција моментно ѝ е потребно единството.
„На Турција ѝ се поставени бројни пречки на патот кон подемот, а сите тие препреки ги надминавме и одлучно одиме напред“, порача Чавушоглу.
Тој најави продолжување на одлучната борба против тероризмот во Турција, но и во соседните Сирија и Ирак.
Чавушоглу додаде дека Република Турција и понатаму ќе го брани правото на Палестинците и на Ерусалим, и како независна држава ќе донесува свои одлуки и ќе го носи чесното турско знаме во сите делови на светот.