Mustafa Keleş,Betül Yürük
06 Јануари 2017•Ажурирај: 07 Јануари 2017
ЊУЈОРК (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денес во Њујорк изјави дека моментално нема планови за затворање на базата „Инџирлик“, во јужниот дел на Турција, но порача дека е бесмислено таа база да ја користат земјите што не даваат поддршка во борбата против терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу престојува во САД, а денес во Њујорк се состана со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Тој истакна дека во воздушната база „Инџирлик“, во јужниот дел на Турција, во составот на НАТО се силите на САД и на другите сојузници, како и дека е дозволено оваа база да ја користат и авиони на другите земји во борбата против ДЕАШ.
Чавушоглу потсети дека Турција води сериозна борба против терористичката организација ДЕАШ.
„Во последно време, немаме воздушна поддршка од коалицијата. Ако ја формиравме коалицијата за борба против ДЕАШ, ако Турција физички даде можности, зошто тогаш не ја поддржувате? Која е вашата цел и што всушност сакате? ", запраша Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија исто така додаде дека терористите на ДЕАШ се движат од сирискиот град Рака кон Ал-Баб.
„Зошто не ги гаѓате нивните позиции? Наше природно право е да го очекуваме тоа. И нашиот народ со право го поставува прашањето: ако не давате поддршка, зошто тогаш ја користите базата Инџирлик“, изјави Чавушоглу.
„Затворањето на базата ‘Инџирлик’ не е едно од актуелните прашања, но нема смисла таа база да ја користат земјите што нема да ја поддржат борбата против ДЕАШ, првенствено оние земји што тука престојуваат токму со таа цел“, додава тој.
Запрашан дали за време на состанокот со Гутереш разговарале за Ал Баб, Чавушоглу изјави дека тоа не е тема што се однесува на ОН, и дека операцијата во Ал Баб е насочена кон терористите на ДЕАШ.
Во врска со почетокот на преговорите во Астана, Чавушоглу истакна дека главната препрека за започнување на мировните преговори е кршењето на примирјето во Сирија.
Чавушоглу изјави дека имал можност да го види извештајот за кршење на примирјето, и порача дека тоа многу го загрижува.
Тој додаде дека од руска страна очекува да биде спречено кршењето на примирјето од режимот и групите што го поддржуваат режимот, бидејќи како што рече, сите кршења на примирјето досега ги направил режимот на Башар ал Асад и неговите сојузници.