ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес рече дека ниту еден конфликт не е локален во денешното „хаотично глобално опкружување“ поради ефектот на пеперутка, и го истакна значењето на решавањето на конфликтите и градењето на мирот, jавува Агенција Анадолија (АА).
„Со ефектот на пеперутка, нема локални конфликти. Не можеме да си дозволиме да останеме неактивни пред овие предизвици и закани“, рече Чавушоглу на сесијата со наслов Решавање на конфликти и градење мир: Обликување на иднината на глобалното лидерство во рамките на форумот на турскиот национален јавен сервис ТРТ Светски форум 2022.
„Конфликтите се дел од реалноста на човечките односи, како и на меѓународните односи“, рече Чавушоглу, додавајќи дека „по краток период на смиреност, во меѓународните односи повторно доминираат конфликти“.
„Потребни ни се способности за решавање и посредување за да ги оставиме овие тестни времиња зад нас“, додаде тој.
Нагласувајќи дека справувањето со конфликти и нивното разрешување се два широки термини за надминување на конфликтите, турскиот министер рече дека постои „филозофска разлика“ меѓу двете терминологии.
„Додека првата школа се фокусира на краткорочни цели, втората има долгорочни цели за тоа како да се решат или спречат конфликтите“, рече тој.
Нагласувајќи дека светот е во „ера на криза“, Чавушоглу истакна дека не само што има системска промена, туку и дека конфликтите денес се трансформираат.
„Со технолошкиот напредок и глобализацијата, конфликтите се покомплексни, повеќеслојни и пошироко распространети“, рече тој.
„Има класични војни, прокси војни, внатрешни судири, асиметрични и хибридни војувања, сите во исто време“, нагласи тој, велејќи дека има и „разни замрзнати конфликти кои продолжуваат да го загрозуваат мирот“, а нивното решавање е замрзнато.
„Спротивставените страни вооружуваат сè, од санкции до трговија, од дигитални платформи до пристапот до енергија и ресурси на храна“, рече Чавушоглу, истовремено нагласувајќи ја потребата од „сеопфатен пристап за решавањето на конфликтите“.
„За ефикасно решавање на конфликт треба да се фокусираме на главните причини, да се воспостави дијалог, да ја обновиме довербата, да покажеме лидерство, да преземаме ризици и акција, да имаме иновативни методи, да ги надградиме нашите алатки и да ја обединиме моќта на експертите и практичарите“, порача Чавушоглу.
Тој ја нагласи и потребата за зајакнување на „мултилатералните одговори“ посочувајќи ја Иницијативата за извоз на жито преку Црното Море како „случај што го спаси светот од сериозна криза за храна“.
Истакнувајќи дека „географијата е судбина“, турскиот министер за надворешни работи рече: „Опкружени со 60 отсто од глобалните конфликти, вклучително и замрзнатите, ние ја знаеме и вредноста на посредувањето и на решавањето на конфликтите“.
„Тоа е причината зошто вложивме многу во посредувањето за мир. Ние сме единствената нација која копретседава со три различни Групи на пријатели на медијацијата во три големи меѓународни организации: ОН, ОБСЕ и ОИС. Истанбулските конференции за посредување станаа најголем годишен глобален настан што собира практичари на медијацијата од целиот свет“, рече тој.
Чавушоглу нагласи дека Туркије одржува ниво од висок профил како олеснувач или посредник, од Сомалија до Венецуела, од Балканот до Блискиот Исток, како и во тековната руско-украинска војна.
„Според нашето искуство, во срцето на успешните напори на посредување лежи довербата, лидерството и способноста за испорачување... Без водството на [турскиот] претседател [Реџеп Таип] Ердоган во дипломатијата, продолжувањето на договорот за жито и размените на заробеници не би биле возможни“, истакна турскиот министер.
Тој понатаму рече дека постојат две главни гледишта за причината за конфликтите, нарекувајќи го едното како „конфликти на недостигот на ресурси и релациите на моќ“, а второто како „конфликти во перцепциите“.
„Успехот на посредникот зависи од убедувањето на страните дека нивните спорови се повеќе за перцепции, отколку за конкретни прашања“, рече тој, и ја додаде потребата од „паметни пристапи и пристапи ориентирани кон резултати“ паралелно со охрабрување на „страните кон вин-вин формули“.
- ТРТ Светски форум -
Вчера во Истанбул започна ТРТ Светскиот форум 2022, дводневен годишен настан.
Собирот, кој оваа година се одржува на темата „Мапирање на иднината: Несигурности, реалности и можности“, собра заедно универзитетски професори, новинари, интелектуалци, политичари и членови на граѓанското општество од целиот свет.
„На форумот учествуваат речиси 100 говорници и над 1.000 учесници од речиси 40 земји“, истакна Мехмет Захид Собаџи, генералниот директор на ТРТ.
Настанот оваа година се одржува со физичко присуство, откако изминатите две години, поради пандемијата на Ковид-19, се одржа онлајн.