Ayşe Yıldız
12 Септември 2021•Ажурирај: 13 Септември 2021
АНТАЛИЈА
Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека проблемот со нерегуларните мигранти започнал дополнително да се зголемува со пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), известува Агенција Анадолија (АА).
„Дури сега гледаме подобра поддршка на меѓународната заедница за безбедно враќање на бегалците во своите земји. Тие сега ја сфатија сериозноста на ова прашање“, рече Чавушоглу на свеченоста во турскиот град Анталија.
Чавушоглу потсети дека високиот комесар на Обединетите нации (ОН) за бегалци, Филипо Гранди, неодамна допатувал во Турција.
„Работиме со високиот комесар на ОН за бегалци околу враќањето на бегалците во матичните земји, посебно во Сирија“, додаде Чавушоглу.
Тој истакна дека Европа се противела на обновата на Сирија.
„Точно е дека е нереално да се обновува земјата или некое место додека војната е во тек. Сите имаме јасен став за режимот, но одговорот на основните потреби на теренот не е обнова на земјата“, потенцираше Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија додаде дека Турција за време на претходната влада со авиони испраќала Авганистанци во Авганистан, а на ист начин испраќала и Пакистанци.
„Ако ова е глобален проблем, тогаш мораме на тоа да работиме заедно како меѓународна заедница за да изнајдеме решение. Не е исправно да гледаме на ова прашање само од безбедносен аспект. Крајно е погрешно да гледаме на тоа со расистички и фашистички пристап“, порача министерот за надворешни работи на Турција, Чавушоглу.