Seval Güler
09 Јануари 2018•Ажурирај: 09 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека сириските режимски сили, под изговор на борбата против Ал-Нусра ја напаѓаат и умерената опозиција, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу предупреди дека таквиот потег би можел да го саботира процесот на политичко решение во Сирија.
„Режимските сили под изговор на борба против Ал Нусра ја гаѓаат и умерената опозиција. Овој став ќе го саботира процесот на политичко решение. Страните кои ќе се состанат во Сочи тоа не би требале да го прават“, изјави Чавушоглу во Анкара, одговарајќи на прашањата на новинарите за случувањата во Идлиб.
Рускиот град Сочи е местото каде што на 29. и 30. јануари ќе се одржи Сирискиот конгрес за национален дијалог, со планирано учество на речиси 1.700 лица.
На конгресот се очекува да учествуваат сите сегменти на сириското општество, освен терористичките групи.
Турција претходно вложи вето за било какво мешање на ПКК/ПЈД или било која друга група поврзана со нив, на престојниот собир во Сочи.
Претседателите на Турција, Русија и на Иран се состанаа на 22 ноември во Сочи, за да разговараат во врска со постигнатиот напредок на мировните преговори во Астана и за измените во зоните без судири ширум Сирија.
Реџеп Таип Ердоган, Владимир Путин и Хасан Рохани, се согласија Сирискиот конгрес за национален дијалог да биде одржан во Сочи.
Сирија е зафатена од жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост врз учесниците на продемократските протести.
Оттогаш, според ОН, во Сирија се убиени над 250.000 лица, а над 10 милиони лица се раселени.