Ali Eyvaz
09 Јануари 2018•Ажурирај: 09 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека е време да се спротивстават на терористите на ПКК во однос на тоа да формираат коридор во северна Сирија, долж границата со Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи пред пратениците на владејачката Партија на правдата и развојот, Ердоган се осврна на можната операција на турската војска во подрачјето на Африн, во сириската област Алепо.
„Време е да се спречи сепаратистичката терористичка група од формирање на терористички коридор долж Сирија“, истакна Ердоган.
„Ќе го завршиме овој процес со тоа што ќе ги обезбедиме сите наши граници“, додаде тој, осврнувајќи се на можната операција во Африн.
Започнувањето на каква било операција во Африн ќе следи по успешната седуммесечна офанизва „Штитот на Еуфрат“, која заврши во март минатата година.
Турскиот претседател Ердоган го пофали и цврстиот став на населението во источна Турција за време на нелегитимниот референдум на Регионалната курдска управа во северен Ирак, кој се одржа во септември минатата година. Нелегитимниот референдум беше осуден од страна на меѓународната заедница.
ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, ја продолжи својата вооружена кампања против Турција во јули 2015 година.
Оттогаш, оваа организација е одговорна за смртта на повеќе од 1.200 лица од безбедносните сили како и цивили, меѓу кои се наоѓаат и голем број жени и деца.
ПКК исто така е активна и во Сирија, преку нејзините ограноци на ПКК - ПЈД и ЈПГ.
- „Оние кои не успеаја на 15. јули бараат други начини за државен удар"
Осврнувајќи се на неодамнешната пресуда на судот на САД за турскиот челник на Халкбанк, Хакан Атила, Ердоган потврди дека случајот претставува уште еден обид за државен удар против Турција.
„Луѓето кои не успеаја во обидот за државен удар на 15 јули во 2016 година во нашата земја бараат нови начини за државен удар“, предупреди тој, велејќи дека случајот со Атила е „адресата на која може да се бара обид за државен удар проткаен со политички мотиви“.
Заменик генералниот директор на турската Халкбанк, Мехмет Хакан Атила, е уапсен на аеродромот во Њујорк на 27 март 2017 година, под обвиненија за кршење на американските санкции кон Иран, за учество во кривично дело - измама на САД, измама на американски банки, додека ослободен е од кривичното дело перење пари.
Турција ја критикуваше осудата како политички заговор со недостаток на вистински докази и наметната од припадниците и симпатизерите на терористичката организаиција ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО преку инфилтрираните поданици во редовите на турската војска, полицијата и во другите институции, на 15 јули 2016 година се обиде да изврши воен удар во Турција, при што загинаа 250 лица, а беа повредени околу 2.200 лица.