Ekipa
26 Октомври 2019•Ажурирај: 27 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ја повика Германија да дејствува во согласност со духот на сојузништвото во однос на турската антитерористичка операција во северна Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Она што го очекуваме од Германија е да дејствува во согласност со духот на сојузништвото“, рече Чавушоглу на заедничката прес-конференција со неговиот германски колега, Хеико Мас, во главниот град Анкара.
Чавушоглу истакна дека ограноците на терористичката организација ЈПГ/ПКК во Германија малтретираат и напаѓаат турски државјани, и ги повика германските безбедносни претставници да постапуваат против ваквите елементи.
„Турција е земја најчувствителна во однос на прашањата за територијалниот интегритет на Сирија и доброволното враќање на бегалците“, изјави тој, додавајќи дека одредени земји, меѓу кои и Израел и Франција, му придадоа мало значење на територијалниот интегритет на Сирија кога терористите на ЈПГ/ ПКК се обидоа да ја поделат земјата.
Турскиот министер нагласи дека според податоците на ОН, над 30.000 раселени Сиријци се имаат вратено во северна Сирија по започнувањето на турската антитерористичка операција таму на 9 октомври.
Коментирајќи во врска со пофалбите од американскиот претседател и некои сенатори кон Ферхат Абди Шахин (познат како Мазлум Кобани), водачот на терористичката организација ЈПГ/ПКК, Чавушоглу истакна: „Неприфатливо е Соединетите Американски Држави (САД) да воспостават дијалог со терорист баран од страна на Интерпол.“
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турската граница и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Во вторникот, во руското одморалиште Сочи, на Црното Море, беше постигнат договор меѓу турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и неговиот руски колега, Владимир Путин, за повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК 30 километри јужно од турската граница со Сирија во рок од 150 часа, а безбедносните сили од Турција и Русија ќе спроведуваат заеднички патроли во тоа подрачје.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.