Ertuğrul Subaşı
15 Јули 2020•Ажурирај: 16 Јули 2020
АНКАРА
Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, изјави дека основната причина за обидот за државен удар, кој терористичката организација ФЕТО го изврши на 15 јули 2016 година, била тоа што Турција започнала да прераснува во сила која го подига гласот и се спротивставува на неправдите на глобалниот систем, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со низа пригодни програми во Турција денеска се одбележува четвртата годишнина на предавничкиот обид за државен удар, односно Денот на демократијата и националното единство.
Претседателот на турскиот Парламент, Шентоп, се обрати на учесниците на собирот кој е одржан во комлексот на таа највисока законодавна институција на Турција, а во таа пригода оддаде почест на сите шехиди кои ги дадоа животите во одбрана на демократијата и уставниот поредок.
„Овој споменик е подигнат во знак на сеќавање на храбрите херои кои во таа ноќ излегоа на улиците и со сопствена крв го згаснаа пламенот на злото кој го запали предавничката терористичка мрежа чии корени се надвор“, порача Шентоп.
Тој исто така изјави дека дистрибуирањето странски проекти кои имаат за цел ослабување на Турција, не може да се нарчее политика, новинарство, интелектуалност или академско однесување.
„Тоа е предавство и само предавство“, порача Шентоп на собирот на кој присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и голем број други турски официјални претставници.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој престојува во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција официјално го побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот неуспешен обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, кој го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.