ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, денес се сретна со министерот за надворешни работи на Велика Британија, Дејвид Камерон, при што ја истакна итната потреба од „целосен прекин на огнот“ во Газа за да се постигне траен мир на Блискиот Исток, јавува Анадолу.
На состанокот одржан во претставништвото на турското Министерство за надворешни работи во Истанбул, Фидан рече дека за траен мир во регионот треба да има прекин на огнот во Газа и да се имплементира дводржавното решение.
За време на 90-минутниот тет-а-тет состанок разговарано е за регионалните прашања, особено за Газа, како и за билатералните односи.
Британскиот министер Камерон, од своја страна, изрази задоволство за потпишувањето на претседателскиот указ за пристапување на Шведска во НАТО од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, и одобрувањето на соодветниот протокол.
На средбата е разговарано и за важноста на безбедноста на Црното Море.
Двајцата министри ја потврдија својата решеност за зајакнување на билатералните односи меѓу Туркије и Велика Британија во сите области, особено во трговијата, економијата и одбранбената индустрија, истакнаа изворите.
Како дел од својата регионална турнеја, Камерон ги посети Израел, окупираните палестински територии и Катар пред да пристигне во Туркије.
Израел започна жестока офанзива во Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври. Во израелските напади досега загинаа 26.083 Палестинци, а повредени се 64.487. Се верува дека во нападот на Хамас се загинати речиси 1.200 Израелци.
Според податоците на Обединетите нации, поради израелската офанзива 85 отсто од населението на Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.