Can Erözden
06 Септември 2017•Ажурирај: 06 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот вицепремиер Мехмет Шимшек доцна синоќа изјави дека Турција не може да биде исфрлена од Царинската унија, дури и ако Германија го побара тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за државниот телевизиски канал „TRT Haber“ (ТРТ хабер), Шимшек нагласи дека верува оти многу земји во ЕУ ќе дејствуваат според здравиот разум.
„Турција никому досега не му била товар. Иднината на Европа без Турција е незамислива“, додаде тој.
„Верувам дека голем број разумни лидери ќе имаат тоа на ум и ќе го одбегнат овој опасен пат, бидејќи тоа ќе им наштети на сите. Во ова сценарио сите губат. И Турција и ЕУ ќе страдаат“.
Во врска со односите на Турција и ЕУ, Шимшек изјави дека Турција не е нов актер во Европа и изрази чудење од тоа како таа се користи како „материјал“ на домашната политика во некои европски земји.
„Се надеваме дека работите ќе бидат добри откако ќе заврши изборната атмосфера, по германските и австриските избори оваа есен“, рече тој, додавајќи дека напорите за нарушување на односите и атмосферата меѓу Турција и ЕУ треба да бидат блокирани.
Шимшек исто така нагласи дека милионите сириски бегалци во Турција имаат големо влијание врз турските градови, и ои Турција гледа да го намали влијанието преку инфраструктурни вложувања и мерки за одредени услуги, вклучувајќи ги образованието и здравството.
Овие изјави на турскиот вицепремиер следат по минатомесечната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел во врска со можноста за суспендирање на разговорите на Турција и ЕУ за ажурирање на Царинската унија.
Во средината на август, во интервју за блогерите пред изборите на 24 септември, Меркел сигнализираше дека поради неодамнешните политички тензии, ЕУ нема да започне разговори со Анкара за модернизација на Царинската унија.
И покрај тоа што не е член на ЕУ, Турција има склучено договор за Царинска унија со блокот во 1995 година