Tuba Şahin,Gökhan Ergöçün
24 Март 2018•Ажурирај: 25 Март 2018
БУРСА (АА) - Европската Унија би требало да се прошири од Лондон до турските граници на Исток, изјави поранешниот претседател на Хрватска, Иво Јосиповиќ, на седмиот по ред „Економски самит Улудаг“ во турскиот град Бурса, пренесува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на сесијата со наслов „Иднината на Европа“, Јосиповиќ истакна:
„Европа не е комплетна без Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и сите други земји од регионот, вклучувајќи ја и Турција.“
Јосиповиќ нагласи дека Европската Унија мора да се запраша: „Дали сакаме да се зголемиме или да направиме препреки на нашите граници?“
Тој додаде дека е потребно на поранешните југословенски републики БиХ, Македонија, Србија и Црна Гора да им се дозволи да се придружат на ЕУ.
„Луѓето обично забораваат дека под ЕУ не се мисли првенствено на економски проект. Тоа е мировен проект со економски алатки“, нагласи Јосиповиќ.
Турција ја нарече голем брод, а Хрватска, мал.
„Турција навистина има голема улога со нејзината економија, војска, наука, образование, здравство. Поради тоа, би било потешко Турција како општество да се приспособи на некои барања на ЕУ, отколку помалите земји, како што е Хрватска“, рече Јосиповиќ, и додаде:
„Второ, Хрватска, како мала земја е концентрирана на сопствените проблеми, додека Турција има глобални амбиции и тоа е нешто што, исто така, влијае на преговорите.“
На дводневниот Самит во Бурса учествуваат околу 1.200 деловни луѓе од целиот свет.