Servet Günerigök
02 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Весникот „Вашингтон пост“ („The Washington Post“) пишува дека властите на Саудиска Арабија плаќаат компензација за децата на убиениот новинар Џамал Кашоги, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во текстот се наведува дека сите пет деца на Кашоги добиле вили во Ријад кои вредат по четири милиони долари, а дека примаат и редовeн месечeн надомест.
Американскиот весник тврди дека официјален Ријад така се обидува да ги охрабри двата сина и ќерките да не зборуваат за минатогодишното убиство на нивниот татко.
Повикувајќи се на изјавите на неименувани саудиски официјални претставници, весникот вели дека децата на убиениот Кашоги добиваат најмалку 10.000 долари месечен надомест, кој минатата година го одобри саудискиот крал Селман бин Абдулазиз, како и доделување на вили.
„Вашингтон пост“ исто така тврди дека децата на Кашоги во спогодбата за молчење за убиството на татко им, од властите на Ријад би можеле да добијат и десетици милиони долари.
Саудискиот официјален претставник за „Вашингтон пост“ изјави дека помош за ожалостено семејство е дел од саудиската традиција и солидарност и ги отфрли обвинувањата за обид да ги замолчат ожалостените.
Џамал Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“, убиен е на 2 октомври 2018 година во саудискиот Конзулат во Истанбул.
Турското Обвинителство откри дека тој е брутално задавен по влегувањето во Конзулатот и дека неговото тело е исечено на делови и уништено.
Властите на Саудиска Арабија дополнително признаа дека Кашоги е убиен, а дека не го напуштил Конзулатот, како што првично тврдеа. Потоа подигнаа обвиненија против 11 осомничени за убиството, а тамошното Обвинителство побара изрекување на смртни казни за пет првообвинети.