Furkan Abdula
04 Април 2019•Ажурирај: 05 Април 2019
СКОПЈЕ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, реализираше телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, во разговорот било потврдено дека посетата на Северна Македонија што ја оствари грчкиот премиер Алексис Ципрас во вторникот, како и заедничката владина седница, биле историски момент.
„Позитивниот развој на односите меѓу Северна Македонија и Грција е позитивен пример за регионот на Западен Балкан и тоа се добри вести за Европа“, се вели во ова соопштение.
„Спроведувањето на Договорот од Преспа потврдува дека дијалогот и дипломатијата креираат позитивни резултати за надминување на отворените прашања и може да донесат директна економска корист за граѓаните. Како што информираше премиерот Заев, владите на Северна Македонија и Грција потпишаа неколку договори за зацврстување и развој на соработката“, се додава во соопштението на Владата.
Со соопштението се потсетува дека во Скопје беше одржан и Бизнис-форум на кој присуствуваа повеќе од 140 компании од Грција и 250 компании од Северна Македонија.
Се истакнува дека премиерот Заев ја информирал германската канцеларка Меркел и за други политички настани во државата, како што е одржувањето на отворен дијалог со опозицијата во врска со реформите, во кој се постигнати конкретни резултати со усвојувањето на новиот закон за антидискриминација, формирање на Антикорупциска комисија, како и за реформите во безбедносните служби и јавната администрација, а дијалогот во врска со иднината на Специјалното јавно обвинителство е сѐ уште во тек.
„Премиерот Заев ѝ се заблагодари на канцеларката Меркел за поддршката што Германија ја даваше во сите процеси, вклучително и во надминувањето на спорот за името со соседна Грција, внатрешните реформи, а особено за економскиот советник што Германија го обезбеди со цел да ѝ помага на Владата на Северна Македонија. Германија е најголемиот трговски партнер на Северна Македонија, а интересот на германските инвеститори е сѐ поголем. Покрај тоа, во земјата се спроведува модел за дуално образование со помош на германски партнери“, се истакнува во соопштението.
Според ова соопштение, имајќи ги предвид горенаведените настани, премиерот Заев побарал поддршка во врска со одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија која Советот на ЕУ треба да ја донесе во јуни.
„Премиерот Заев потенцираше дека, со оглед на тоа што државата има статус на земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, го склучи Договорот од Преспа и постигна резултати во поглед на реформските процеси, време е Советот на ЕУ да донесе позитивна одлука за отворање на пристапните преговори. Оваа одлука ќе претставува дополнително охрабрување за да се продолжи со реформите во Северна Македонија“, се наведува во владиното соопштение.
Во соопштението се вели дека канцеларката Меркел го поздравила позитивниот развој на спроведувањето на Договорот од Преспа, како и спроведувањето на домашните реформи преку отворен дијалог со опозицијата, што, според неа, ќе донесе конкретни и позитивни резултати.