Admir Fazlagic
23 Март 2019•Ажурирај: 25 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, го посетија граничниот премин „Богородица“ и полициските службеници на јужната граница, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, по посетата на граничниот премин „Богородица“ , вицепремиерите Спасовски и Османи одржаа заедничка прес-конференција.
„Успешната борба против криминалот, а особено успешноста на полицијата во борбата против илегалната миграција и криумчарењето мигранти е најдобро рефлектирана во заедништвото и партнерството кое на дневна основа го применуваат полициските службеници на Република Северна Македонија и полициските службеници припадници на полициите од земјите од регионот и од земјите членки на ЕУ“, рече Спасовски на прес-конференцијата.
Се додава дека министерот Спасовски ја потенцирал благодарноста до Чешка, Полска, Унгарија, Словачка, Србија, Словенија, Хрватска и Австрија за испраќањето на своите полициски службеници кои заедно со македонските полициски службеници, повеќе од три години учествуваат во заеднички гранични операции и успешно се справуваат со сериoзните миграциски предизвици.
„Нашите полициски служби се подготвени за справување со сите предизвици и оттаму особено сум горд на нивната заедничка заложба да бидат ефикасна брана за илегалните мигранти. Во 2018 година има тренд на зголемување на откриените случаи на криумчарење мигранти во споредба со 2017 година, а пред само неколку недели успеавме да сузбиеме 20-члена организирана криминална група“, информираше Спасовски.
„По официјалното парафирање на Договорот со Европската гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС), набрзо ќе следува и негово потпишување“, додаде тој.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ја потенцираше важноста од успешната имплементација на реформите во областа на миграциите, како за внатрешната стабилност на земјата, така и за напредокот во рамките на европските интеграции.
„Целта на оваа посета е на самото место да направиме увид во реализацијата на реформите како основа за успешно создавање на т.н. „трак- рекорд“, односно позитивни примери од кои ќе се гледа зрелоста на нашите институции во работењето согласно европските правила и стандарди“, истакна Османи, посочувајќи на чувствителноста на периодот за европските интеграции, имајќи ја предвид важноста на претстојниот Извештај на Европската комисија, а во пресрет на јунскиот Самит на Европскиот совет, на кој земјава очекува конфирмација на одлуката за почеток на преговорите за членство оваа година.