Husamedin Gina
28 Ноември 2019•Ажурирај: 29 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Во Северна Македонија истражувањата покажуваат дека 8 од 10 родители користат физичко и психичко насилство врз децата“, истакна претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претставници од земјите од Западен Балкан денеска и утре во Скопје, на конференцијата „Проширување на акцијата за ставање крај на насилството врз децата на Западен Балкан“, ќе ги потврдат заложбите за заедничко дејствување преку глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата.
Конференцијата ја отворија претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, и шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, Самуел Жбогар.
Претседателот Пендаровски, во своето обраќање рече дека насилството врз децата е една од најдевијантните појави денес, која се случува секој ден во сите краеви на светот.
Пендаровски, осврнувајќи се на истражувањата за насилството врз децата во Северна Македонија, истакна дека бројките се немилосрдни.
„Кај нас во Република Северна Македонија бројките се исто така немилосрдни. Истражувањата велат дека 8 од 10 родители користат физичко и психичко насилство, примарно со цел да ги подучат децата на тој начин. Кај нас преовладува ставот дека детето треба да биде послушно, наспроти љубопитно или независно“, нагласи претседателот Пендаровски.
Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, истакна дека истражувањата покажуваат дека секое трето дете во Северна Македонија знае како изгледа физичкото насилство.
Таа како превентивна мерка за спречување на насилството врз децата меѓу другото го посочи и здравствениот систем.
„Патронажните сестри коишто одат по домовите и кои се во контакт со семејната средина треба да може да откријат знаци дека нешто не е во ред во семејството, можеби тоа семејство се наоѓа под стрес кој го чувствуваат и децата и тоа се манифестира преку насилство“, рече Џовани.
Самуел Жбогар, шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, споделувајќи ги процентите за насилство врз децата во Европа, рече дека една четвртина од децата страдаат од физичка злоупотреба.
„Светската здравствена организација покажува дека речиси 10 проценти од децата во Европа страдаат од сексуална злоупотреба. Една четвртина страдаат од физичка злоупотреба и речиси една третина од децата страдаат од психолошка злоупотреба“, рече Жбогар, додавајќи дека покрај сите заложби, во Европа 25 милиони деца се гладни и живеат под прагот на сиромаштијата.
На конференцијата, чиј домаќин е Владата на Северна Македонија со поддршка на УНИЦЕФ, ќе присуствуваат околу 500 учесници.
Во текот на двата дена, на конференцијата ќе учествуваат меѓународни експерти, регионални и национални практичари во сесиите посветени на превенција, градење отпорност и таргетирана детска заштита.