Admir Fazlagic
06 Јули 2017•Ажурирај: 07 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје се одржа дискусија на темата „Институционален одговор на бегалската криза и мешаните миграциски движења во Македонија“, во организација на невладината хуманитарна организација „Легис“, а во соработка со Националниот превентивен механизам против тортура во затворени институции, организациска единица на Народниот правобранител на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во дискусијата, говорниците истакнаа дека најголемите проблеми со коишто се соочуваат бегалците и мигрантите на територијата на Македонија се во законската регулатива, којашто не овозможува соодветна околина за заштита и пристап до човековите права и правда, тоа што не овозможува регистрација и документација на луѓето што транзитираат низ државаат и создава поволна околина за организиран криминал, каде што тие се жртви на криумчарите, како и на лошите услови во прифатно-транзитните центри.
Мерсиха Смаиловиќ од невладината „Легис“ во своето излагање посочи дека веќе неколкупати реагирале за измените во Законот за азил.
„Она што најмногу придонесе за реакциите беа измените од април 2016, со коишто Собранието изгласа измени со што им се оневозможи на бегалците да бараат азил и засолниште во Македонија. Предлог-измените се доставени до Владата во јуни 2016 година, но до ден-денеска по нив не е постапено“, рече Смаиловиќ.
Според неа, уште една одредба што беше проблематична е семејното обединување, кое, како што рече, во Македонија може да се случи откако барателот на азил ќе се стекне со азил и по 3 години има право да го доведе своето семејство до Македонија.
Поради регистрираните проблеми, Смаиловиќ истакна дека е потребно да се усвојат споменатите забелешки за измените во Законот за азил на Република Македонија, коишто постоеја пред 4 април 2016 година, односно, прифатно-транзитните центри да станат прифатни, каде што на сите бегалци што ќе сакаат да влезат во нив, ќе им се дозволи да влезат и ќе се овозможи регистрација, а за да се изјаснат по однос на ова прашање ќе им бидат дадени 72 часа. Таа додаде дека предлог-измените за Законот за азил остануваат, и се надеваат оти тие сега ќе бидат разгледани и прифатени страна на надлежните институции.
И покрај тоа што официјално, од март 2016 година, таканаречената балканска бегалска рута е затворена, Смаиловиќ тврди дека рутата е затворена формално, но реално сѐ уште постои миграциски тек по оваа рута.
Снежана Теодосиева Јорданоска од Националниот превентивен механизам против тортура во затворени институции, рече дека се работи за една организациска единица на народниот правобранител, којашто е фокусирана на тоа да ги следи условите за престој и состојбата на бегалците и на мигрантите во транзитните центри на југот и на северот од Македонија, како и во Центарот за баратели на азил во Визбегово и Центарот за странци во Гази Баба во Скопје.
Таа информираше дека најмалку еднаш во два месеца го посетуваат Центарот за баратели на азил во Визбегово и ги наведе истите констатации на претставниците на невладината организација „Легис“.
„Заклучивме дека храна честопати се дели само еднаш во денот за сите три оброци, а за време на викендите се дели еднаш за два дена, што е навистина нехумано. Таа храна е сува храна, нутритивните вредности не се на пропишаното ниво, квантитетот на храната не е соодветен, особено за децата, кои треба да имаат соодветна исхрана. Затоа би требало невладините да донираат храна за потребите на бегалците“, рече Теодосиева Јорданоска и истакна: „Центарот за странци прави најголеми прекршувања на правата. Ние единствено можеме непречено да разговараме со лицата. Има многу неправилности и ние реагиравме. Условите беа нехумани, несоодветни и неприспособени на меѓународните стандарди“.
Таа посочи дека Македонија е транзитна земја за бегалците и мигрантите, но сепак истакна дека треба да се примат одредени лица на кои треба да им се регулира правниот статус во државата.
Меѓу другото, на денешната дебата за бегалската криза и за мешаните миграциски движења беше кажано дека сѐ уште се случува нерегулирана депортација на мигрантите и бегалците од Македонија, на територијата на Грција.