Adel Ömeragic
06 Јули 2017•Ажурирај: 06 Јули 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Руската Федерација ги продолжи економските санкции за Црна Гора до крајот на 2018 година, соопштено е од тамошната Влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Руската Влада постапи по декретот на претседателот Владимир Путин, кој на 30 јуни потпиша уредба со која се продолжуваат санкциите до 31 декември 2018 година, една недела откако лидерите на ЕУ донесоа одлука да ги продолжат санкциите кон Русија до јануари 2018 година.
„Од 1 јануари до 31 декември 2018 година, се продолжува забраната за увоз во Русија на одредени видови на земјоделски производи, суровини и храна, со потекло од САД, Европската Унија, Канада, Австралија, Кралството Норвешка, Украина, Република Албанија, Црна Гора, Република Исланд и Лихтенштајн“, се наведува во одлуката на Владата на Русија.
Русија за првпат воведе забрана летото 2014 година за увоз на голем број европски производи како контра-мерка за санкциите на Европската Унија кои беа воведени кон официјална Москва поради интервенциите во Украина.
Од друга страна, Црна Гора санкциите кон Русија ги воведе во 2014 година, следејќи ја политиката на ЕУ. Официјалниот однос на Црна Гора и Русија знчително се влоши по влезот на Црна Гора во НАТО.