ПРИШТИНА (АА) - По објавените непотврдени обвиненија за воено злосторство од страна на Специјалното обвинителство во Хаг против косовскиот претседател, Хашим Тачи, и против лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, Косово не е во добра позиција за продолжување на дијалогот со Србија, оценуваат добри познавачи на правните и политичките прашања.
Директорот на косовскиот Институт за правда, Ехат Мифтарај, во изјава за Агенција Анадолија (АА) вели дека етички и морално би било многу подобро претседателот Тачи да поднесеше оставка по објавувањето на непотврденото обвинение против него, иако од уставен и законски аспект нема таква обврска.
Тој напоменува дека меѓународната заедница, било претставниците на ЕУ, било претставниците на Соединетите Амеикански Држави (САД) или земјите поединечно, ќе се двоумат и ќе имаат проблем во претстојните месеци да се состануваат со Тачи и дека тоа не е добра порака.
„Ние сега сме во потполно нови околности. Јас верувам дека Република Косово нема да се брза веднаш да го почне дијалогот со Србија било со посредство на ЕУ, било со Соединетите Американски Држави (САД). Претседателот Тачи беше еден од главните актери во преговорите со Србија во последните шест-седум години и со самиот факт што Косово сега се соочува со обвиненија против претседателот на земјата и против претседателот на Демократската партија на Косово, Весели, а можеби набрзо ќе излезат и уште некои имиња, тоа не е позиција во корист на Косово за продолжување на дијалогот“, рече Мифтарај.
Тој истакнува дека политичките партии во Косово мора да ја научат лекцијата од ова обвинение, лекцијата од минатото, да ги остават настрана политичките инаети и партиските интереси и да работат на заедничка платформа и обединување на политичката сцена во однос на дијалогот со Србија. Исто така, важно е, додава тој, меѓународниот фактор да добие посилен одговор од Косово во однос на преговорите, односно договор до кој може да дојде со Србија во иднина.
Мифтарај вели дека Косово има Влада на која ѝ недостасуваат гласови во Собранието и која зависи од опозициските партии, додека, од друга страна, може да дојде и до нов договор на актуелната Влада со Демократската партија на Косово за да се избере новиот претседател на Косово.
Според него, објавувањето на предлогот на обвинението против Тачи и Весели во фаза кога тоа не е потврдено од страна на Судот претставува измена на правилата и на некој начин е селективна правда, бидејќи не се објавени имињата на останатите десет обвинети.
„Од друга страна, сомненијата што се подигнати во соопштението на Обвинителството дека имало опструкции или попречување во работата на Обвинителството или Судот од претседателот Тачи и Весели, тоа лесно може да се утврди доколку би имало волја кај тие две лица, кои сега се субјект на обвинението, преку адресирање на Специјалниот суд ако сметаат дека не направиле ништо што пречело во работата на Судот и дека обвинителот ги повредил нивните права и слободи“, вели Мифтарај.
Истовремено, професорот по Уставно право на Приштинскиот универзитет, Мазлум Баралиу, оценува дека објавувањето на непотврденото обвинение е чудно делување на Специјалното обвинителство, кое, според него, е политички обоено, и на Косово му нанело огромна штета. Тој во изјава за АА наведува дека ваквото делување е направено без преседан и дека основно правило на правосудството е правилото на невиност додека не се донесе пресудата.
„Политичките претензии некој да влијаел и тоа во јавно соопштение, кое е неформален и небитен акт, со цел попречување на процесот на дијалогот, со спомнување на наводно убиените, измачувани и исчезнати луѓе, е без преседан, чудно, и би рекол, неприфатливо за еден суд од овој ранг“, вели Баралиу.
Она што е познато, додава тој, е дека врз основа на Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации за водење на дијалогот за решавање на техничките и меѓудржавните прашања на Косово и Србија е овластена Европската Унија (ЕУ) во координација со Соединетите Американски Држави (САД).
„За жал, дојде до поделби и изразување на проблемот помеѓу центрите кои носат одлуки, САД и ЕУ. Во САД е администрацијата на Трамп, која по многу нешта е неконвенционална, специфична во однос на претходните традиционални администрации и сигурно дека тоа е автоматски еден од факторите и проблемите, сакале или не, во последните три години. Јасно е дека самата ЕУ, нејзините институции не беа координирани во надворешната политика“, вели Баралиу.
И Мифтарај смета дека соопштението за обвиненијата на Специјалниот суд на само 3 дена пред важниот состанок во Белата куќа во Вашингтон помеѓу делегациите на Косово и Србија предизвикува оправдани сомнежи дека сето тоа било случајност.
Според неговите зборови, политиката мора да биде одделена од правосудството и доколку Специјалниот суд не успее да покаже дека неговата работа не е поврзана со политичките процеси, сигурно дека се доведува во сомнеж неговата независност и непристрасност во реализација на мандатот што го има. Мифтарај подвлекува дека борбата на Ослободителната војска на Косово беше во одбрана на албанскиот народ и со цел ослободување на земјата од окупаторот, кој спроведуваше систематско насилство и убиства.
Истовремено, додава тој, во секоја војна може да биде лице што не ги применува воените правила, но дека мора да се причека евентуалното потврдување на обвинението и судскиот процес. Мифтари нагласува дека и покрај тоа што овие обвиненија му штетат на Косово, долгорочно во интерес на меѓународната заедница, чиј производ е Косово, е да се разјаснат и тие убиства што се случија во Косово од страна на поединците.
Тој објаснува дека доколку Специјалниот суд не побара дополнителен рок, најдоцна до 24 октомври ќе биде потврдено или отфрлено предложеното обвинение.
Во случај на потврдување на обивинението, обвинетите имаат право на приговор за кој ќе одлучи Судскиот совет. Доколку и по приговорот се потврди обвинението, почнува судскиот процес.
Исто така, според Мифтарај, не е обврзувачки нужно дека на обвинетите лица ќе им биде одреден притвор, со оглед дека ниту сега не е побарано нивно притворање. Во обвинението што Специјалното обвинителство на 24 април им го предаде на испитување на специјалните совети во Косово се наведува дека Хашим Тачи, Кадри Весели и други осомничени од обвинението сносат кривична одговорност за речиси 100 убиства. Жртвите на кривичните дела од обвинението се стотици лица, чиј идентитет е познат и меѓу кои се косовски Албанци, Срби, Роми и лица од други националности, како и политички противници.