Admir Fazlagic
30 Ноември 2017•Ажурирај: 30 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој престојува во Соединетите Американски Држави (САД), вчера беше примен во Стејт департментот од страна на Рекс Тилерсон, државниот секретар на САД, соопшти Министерството за надворешни работи на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од МНР, министерот Димитров во разговорот со државниот секретар на САД дал осврт за актуелните политички состојби во Република Македонија и во регионот, а исто така го запознал и со актуелностите во процесот за надминување на разликите околу името со Грција.
„Македонија е пријател и партнер на САД, убедени сме дека со вашата помош и лидерство, и со поддршката на европските сојузници, набргу ќе станеме дел од семејството на НАТО. Нашата посветеност и решителност е огромна, за искористување на оваа можност што ни се укажува“, изјавил Димитров.
Информирајќи за реформите во Македонија, министерот за надворешни работи Димитров нагласи: „Сакаме да изградиме силни и демократски институции и да го зацврстиме владеењето на правото, за да ја направиме Македонија посакувана полноправна членка на евроатлантската заедница“, информираат од МНР.
Зборувајќи за придонесот на Република Македонија во зачувувањето на меѓународната безбедност и во борбата против тероризмот, министерот Димитров ја реафирмираше цврстата определба на Владата на Република Македонија постепено да го зголемува буџетот во сферата на одбраната, согласно барањата на Алијансата.
Во контекст на односите со соседите и состојбите во регионот, Димитров истакна дека нерешавањето на проблемите повлекува политичка одговорност.
Од друга страна, како што соопштуваат од МНР, државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, истакна дека Македонија е на добар пат да биде успешен пример за регионот.
Тој нагласи дека САД ќе продолжат да имаат позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот, да бараат начини како да помогнат. Исто така, се вели дека Тилерсон изрази поддршка за реформската агенда, повикувајќи ја Владата на Македонија да истрае во нејзиното спроведување.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваше и на конференцијата на Атлантскиот совет на САД, насловена како „Следната бура?Обликување на балканската иднина во ера на неизвесност“, каде што беше повикан да се обрати пред бројната публика составена од експерти и претставници на дипломатскиот кор во Вашингтон.
На панел-дискусијата со тема „Голем ризик, голема награда: Справување со долготрајните политички предизвици на Балканот“, министерот Димитров говореше за актуелните состојби во Република Македонија, со посебен акцент на надминувањето на разликите околу името со Грција.