Besar Ademi
13 Октомври 2017•Ажурирај: 14 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод 15 октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, на прес-конференција во Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје, беа претставени активностите што ќе се одржат под мотото „Различни, посебни, а еднакви“, наменети за лицата со оштетен вид, јавува Anadolu Agency (AA).
Програмата за одбележување на овој ден започнува денес, со интерактивна програма каде што лицата со оштетен вид разменија искуства во областа на тифлологијата, и во работата со деца и младинци со оштетен вид во другите земји. Дел од оваа програма се 40 деца со оштетен вид од земјите во регионот, обединети во еден момент и за една цел.
Иницијатор на програмата „Различни, посебни, а еднакви“, Суарет Алишан, ги повика лицата кои немаат пречки во видот да се дружат со тие со оштетен вид. Тој истакна дека централната програма ќе се одржи в недела, на 15 октомври, во центарот на градот, каде што на граѓани со нормален вид ќе им се даде можност со превез на очите да се движат околу фонтаната, за да го видат секојдневниот живот на лицата со оштетен вид.
„Целта на оваа програма е да се подобри квалитетот во образованието како и социјалната инклузија, бидејќи, социјалната инкузија е најголема потреба на децата со визуелно нарушување. Овие деца немаат проблем со образованието, немаат проблем да се дружат со останатите другарчиња, туку ние сакаме да кажеме дека и ние сме еднакви како и останатите деца“ рече Алишан.
Од друга страна, директорот на државното училиште „Димитар Влахов“, Горанчо Јакимов, истакна дека максимално се ангажирани за на учениците кои учат во ова училиште да им се овозможи образованието што им е потребно. Јакимов рече дека ова државно училиште, единствено во Македонија за деца со оштетен вид, ја поздравува секоја иницијатива којашто има за цел да им се помогне на децата со оштетен вид.
Инаку, овој ден има за цел да ги обедини лицата со оштетен вид на национално ниво, заради подигање на свеста во државните институции и во општеството, за на овие лица да им се даде правото за промовирање на вредностите што можат да ги нудат во општеството.