Ivana Ramadanova
04 Октомври 2017•Ажурирај: 05 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Македонската академија на науките и уметностите, Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“ и Филозофското друштво на Македонија, денеска започна Третиот меѓународен филозофски дијалог „Исток – Запад“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Љупчо Митковски, претседател на Филозофското друштво на Македонија, кој патем е еден од организаторите на настанот, годинешна тема на собирот е „Филозофија на образованието и филозофија во образованието“.
„Целта на овој собир е да поттикнеме филозофска дискусија на најразлични теми. Првата година дискутиравме за наука и религија, а лани за правото меѓу етиката и политиката. Всушност, секоја година за дискусија одбираме горливи теми“, изјави Митковски.
Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, кој го отвори собирот, истакна дека образованието и филозофијата или филозофијата во образованието е многу значајна и клучна тема.
„Не може да се прави нов концепт на образование ако филозофските аспекти на оваа проблематика не се земат предвид. Ние имаме јасна дијагноза за проблемите. Во образованието имаме клучни проблеми со квалитетот на наставните програми, имаме проблеми затоа што не се интегрирани клучните компоненти во системот на високото образование, образованието од една страна, истражувањето од друга страна и иновативната дејност. Има хипертрофирана мрежа во високото образование. Мала земја со 24 универзитети, преку 160 факултети, преку 600 програми, што е крајно нерационално“, додаде Фити.
На овој настан учество земаат голем број истакнати академици, професори и филозофски истражувачи од Франција, Русија, Србија и од Македонија.
Дијалогот се одржува во три македонски града: Скопје, Битола и Охрид. На 5 октомври дијалогот продолжува во Битола, во просториите на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“.
Собирот завршува на 6 октомври во Охрид, во куќата „Уранија“.