Besar Ademi
07 Април 2017•Ажурирај: 08 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Директорот на Институтот за меѓународни односи на Република Италија, Фердинандо Нели Фероџи, кој престојува во работна посета на Македонија, рече дека решението на политичката и институционалната криза што ја зафати земјата останува на политичките партии и на политичките сили, и дека брзото решавање е во интерес на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Нели Фероџи, кој е поранешен италијански амбасадор во Брисел и еврокомесар, престојува во Македонија на покана на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика на Министерството за надворешни работи на Македонија. Тој во просториите на Министерството за надворешни работи одржа предавање на тема „Европската Унија како крстопат: нови предизвици по 60 години од потпишувањето на Договорот од Рим и европската перспектива на Западен Балкан“.
„Убеден сум дека Македонија ќе може да најде решение врз основа на Уставот и демократските принципи. Решавањето на кризата е мошне важно, со цел земјата да може да продолжи со реформскиот процес. Реформскиот процес е основен услов што мора да биде исполнет за земјата да биде во можност да напредува кон евроинтеграцијата“, рече Фероџи пред почетокот на своето предавање.
Нели Фероџи додаде дека Европската Унија се соочува со голем број проблеми коишто, според него, имаат континуирано влијание врз економската и финансиската криза, вклучувајќи ги и проблемите на внатрешната и надворешната безбедност на европските земји.
„Тоа е една од причините поради коишто станува тешко ЕУ да ги примени своите обврски од 2003 година, за целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во нашите европски структури. Се надевам дека штом ги решиме нашите проблеми, а сметам дека тоа ќе се случи многу брзо, ќе имаме можност да се навратиме на прашањето за проширување на Унијата, и тоа на многу поотворен и конструктивен начин“, изјави Нели Фероџи.
Тој додаде дека е свесен за ризикот од зголемување на скептицизмот на Балканот поради доцнењето во процесот на европска интеграција на балканските земји, но изрази уверување оти во брзо време ќе се решат многу прашања и дека европските земји ја поддржуваат политиката на проширување на Европската Унија.
Пред почетокот на предавањето беше потпишан меморандум за разбирање и соработка меѓу македонскиот Институт за геостратешки истражувања и надворешна политика и италијанскиот Институт за надворешни работи од страна на директорите на институциите, Абдулкадар Мемеди и Фердинандо Нели Фероџи.