Ivana Ramadanova
13 Декември 2017•Ажурирај: 14 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Евроатланскиот совет на Македонија и Цивика Мобилитас денеска во Скопје организираше завршна конференција за проектот „Зајакнување на младинскиот дијалог за промоција на демократските процеси во духот на Евро-Атланските интеграции“, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата пред присутните се обрати премиерот на Република Македонија Зоран Заев кој истакна дека речиси 60 отсто од младите опфатени со истражувањето, сметаат дека можностите за нив ќе се зголемат со остварување на оваа цел, додавајќи дека другите показатели од ова истражување укажуваат на фактот дека младите, не се доволно вклучени во процесите поврзани со евро-атланските интеграции. Тој потенцираше дека сега е време тоа да се промени.
Заев во своето обраќање потенцираше дека Владата создава услови за градење национален консензус со сите клучни и одлучувачки политички субјекти: со претседателот на државата и со опозицијата, за забрзување на нашата интеграција во НАТО.
„Посветени сме на наоѓање начин да се надмине проблемот што го има Република Грција со името на нашата држава. Веруваме дека тоа е можно преку инклузивен пристап дома и со градење на позитивна атмосфера на добрососедство и соработка со Република Грција", рече Заев.
Тој истакна дека граѓаните со право очекуват Македонија да биде следната земја-членка на алијансата, а во текот на првата половина на идната година да добие и покана за отпочнување на преговорите со ЕУ.
Претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека Македонија има спор поради кој на самитот во Букурешт, Македонија не стана членка на НАТО.
„Убеден сум дека актуелната Влада и ова парламентарно мнозинство, многу сериозно, и јас би рекол политички решително, го започна процесот со кој се враќаме повторно на колосекот на Евро-атланските интеграции", рече Џафери.
На настанот на Евро-атланскиот совет на Македонија денеска присуствуваа и повеќе амбасадори, членови на оваа организација, како и претставници на организацијата од Србија, Косово и Бугарија и студенти.